Израелската војска уништи шест брода на сириската морнарица.
Израелската војска погодила вчера најмалку шест брода на сириската морнарица во напад на сириското пристаниште Латакија, информираше денеска британската осигурителна компанија Амбреј. На снимката се гледа дека еден брод се насукал, а дека пет се потонати, без видлива штета на инфраструктурата на пристаништето.
Сириски безбедносни извори потврдиле за Ројтерс дека израелската војска гаѓала објект за противвоздушна одбрана во близина на Латакија.
Израелски авиони веќе неколку дена гаѓаат цели низ Сирија, наводно уништувајќи воени авиони, проектили и хемиско оружје, плашејќи се да не паднат во рацете на џихадистите. Министерот за одбрана Израел Кац денеска изјави дека израелски воени бродови ја уништиле сириската воена флота.
Турски воени извори, соопштија дека турските сили уништиле дванаесет камиони натоварени со проектили и тешко оружје, два тенка и складишта за муниција на курдската милиција ИПГ во североисточна Сирија. Изворот кажал дека сириските воружени сили ја оставиле воената опрема кога ја напуштиле областа Камишли.