Руската армија вечерва соопшти дека денеска во близина на Лвов, со ракети со висока прецизност, уништила големо складиште со донирано странско оружје, што неодамна ѝ беше доставено на Украина, пренесоа француските медиуми.
„Руските воздухопловни сили утрово извршија напад со ракети со „висока прецизност“ врз логистички центар на украинските вооружени сили во близина на Лвов“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.
Според него, уништени се логистичкиот центар и голем дел од складираното странско оружје што го „испорачаа САД и европските земји во последните шест дена“.
„Уништено е складиште за муниција и кај Василково, во Киевската област“, изјави Конашенков.
Руската војска во текот на денот уништи вкупно 16 украински воени локации, вклучително и фабрика за поправка на тактички ракети „Точка -У“, неколку складишта за муниција и складиште за гориво.