Стефанија Константини и Амос Мозанер ѝ го донесоа првиот златен олимписки медал на Италија во карлинг, откако во денешното финале во мешани двојки на Игрите во Пекинг ги совладаа Кристин Скаслиен и Магнус Недреготен од Норвешка со 8:5.
Норвешките сопружници подобро го отворија натпреварот и поведоа со 2:0, за во следните три „енда“ Италија да наниже шест поени за водство од 6:2.
Освојувачите на бронзениот медал од Игрите 2018 во Пјонгчанг навестија пресврт и пред последниот „енд“ го намалија заостанувањето на 5:7, но Константини и Мозанер со одлична тактика ја одбранија предноста и го освоија златото.
Во натпреварот за бронзениот медал, Шведска ја совлада Велика Британија со 9:3.