Кандидатот на коалицијата ВРЕДИ, Биљал Касами, повторно е избран за градоначалник на Тетово, откако, според првичните резултати, освои околу 5.000 гласови повеќе од противкандидатот Бајрам Реџепи.
Шефот на изборниот штаб на ВРЕДИ, Бесар Дурмиши, изјави дека победата е резултат на посветената работа на Касами во изминатите четири години и на довербата што граѓаните му ја укажале за продолжување на проектите.
„Граѓаните го кажаа своето мислење и став преку гласање. Во Тетово успеавме со пет илјади гласови повеќе од противкандидатот на Биљал Касами. Победивме во повеќето населби — Миѓени, Центар, Голема и Мала Речица, Џепчиште, Порој, Фалише, Тетекс 1 и 2, како и во селата Вешала, Бродец, Лисец и Лавце“, изјави Дурмиши.
Тој најави дека во вториот мандат Касами ќе продолжи со истото темпо и посветеност како и досега. „Ќе работиме во секое место, без разлика на политичката определба на граѓаните. Тетово ќе се развива и ќе оди напред,“ порача Дурмиши од штабот на коалицијата ВРЕДИ.

