Премиерот Димитар Ковачевски денеска остварил телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во кој го нагласи единството и одлучниот одговор на Алијансата на неиспровоцираната војна во Украина и едногласноста во поддршката на сувереноста и територијалниот интегритет на Украина и на нејзиното неприкосновено право на самоодбрана на нејзините меѓународно признаени граници.
Како израз на силна поддршка на политиката на отворени врати, Ковачевски во разговорот со Столтенберг ја поздрави иницијативата на Шведска и на Финска да станат членки на НАТО и потенцираше дека Северна Македонија ќе ја забрза постапката за одобрување на нивното членство во Алијансата. „Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во разговорот со Ковачевски ја поздрави поддршката на Северна Македонија за итен прием на Шведска и Финска во НАТО и го потенцираше успехот на воената вежба „Брз одговор 22“ (Swift Response 22), што ја потврди нашата земја како вреден партнер на Алијансата“, се наведува во соопштението од Владата.За време на разговорот, како што соопштија од владината прес-служба, Ковачевски истакнал дека Република Северна Македонија дава максимален придонес во одговорот и политиките на НАТО во однос на ова прашање и останува и натаму посветена да ја помага Украина во делот на координираните активности со Алијансата, како и во прифаќање на бегалците од оваа земја.