Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Киев за „дефанзивната офанзива“ во Русија: Сѐ оди според планот

0
By Zoran Ivanov on August 14, 2024 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Наспроти процените дека акцијата има само привремен и ограничен карактер, украинските сили продираат сѐ подлабоко, а веќе градат и дефанзивни упоришта околу градовите од кои ги протераа руските сили.

Митко Билјаноски

Украински оклопни возила кај пограничниот град Суми – Фотографија Профимедија

Претседателот Зеленски изјави дека офанзивата е „дефанзивна“ за да се неутрализира зона од која во изминатите три месеци биле спроведени повеќе од 2.000 напади врз Украина, но и да се заробат што е можно повеќе непријателски војници заради размена

Генералите во Киев тврдат дека ненадејниот копнен пробив длабоко на територијата на Русија се одвива „според планот“, но и Москва и украинските сојузници само нагаѓаат која е целта на шокантната контраофанзива.

Киев синоќа објави дека само во вторникот украинските сили продреле 1 до 3 километри подлабоко и дека веќе имаат под контрола 74 населби и територија од околу 1.000 квадратни километри. Украинските сили практично и не се соочиле со отпор додека пробиле две одбранбени линии и неколку воени пунктови.

Елементот на изненадување имаше ефект. Влеговме лесно, со мал отпор. На 6 август првите групи се пробија ноќта и напредуваа во неколку насоки. Речиси веднаш стигнаа до западните предградија на Суџа – порачал на платформата Телеграм украински војник што сѐ уште е во Русија.

Информациите од теренот се контрадикторни, но се смета дека украинските трупи веќе се 30 километри длабоко на руска територија, во правец кон Курск. По овој регион, вонредна состојба прогласи и пограничната област Белгород, која и порано беше цел на украински напади, главно со беспилотни летала.

Ситуацијата во областа Белгород и понатаму е исклучително тешка и тензична. Секојдневно гранатираат оружените сили на Украина, уништени се куќи, има повредени и убиени цивили – изјави гувернерот Вјачеслав Гладков, кој најави дека од Москва ќе побара да воведе вонредна состојба на федерално ниво.

Рускиот генерал Апти Алаудинов изјави дека украинските трупи се запрени, а Министерството за одбрана соопшти дека се одбиени нападите во селата што се оддалечени меѓу 26 и 28 километри од границата.

„Дилемата“ на Путин

Американскиот претседател Џо Бајден оцени дека „воениот пробив на Украина во Русија создал вистинска дилема“ за рускиот претседател Владимир Путин, но не објасни на каква дилема точно мислел. Извори во Вашингтон појаснуваат дека целта на нападот веројатно е да се принуди Русија да прераспореди во дефанзива дел од трупите што биле подготвени за офанзивни акции, и тоа токму во регионот на Суми, од украинската страна на границата во делот кон Курск. Но, тоа се само нагаѓања. Бајден изјави дека Вашингтон е во „постојан контакт“ со Киев во врска со операцијата, но и дека САД на никаков начин не биле вклучени во планирањето и подготовката.

Руска самоодна артилерија на позиција во областа Курск – Фотографија ЕПА, Министерство за одбрана на Русија

Наспроти процените дека акцијата има само привремен и ограничен карактер, украинските сили продираат сѐ подлабоко, а веќе градат и дефанзивни упоришта околу градовите од кои ги протераа руските сили. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека офанзивата е „дефанзивна“ за да се неутрализира зона од која во изминатите три месеци биле спроведени повеќе од 2.000 напади врз Украина. Една од целите е да се заробат што е можно повеќе непријателски војници заради размена.

– Наспроти тешкотиите и интензивните битки, нашите сили продолжуваат да напредуваат во регионот на Курск и се зголемува државниот „фонд за размена“. Под украинска контрола се 74 населби – изјави Зеленски.

Тој порача дека од главниот командант на воените сили Олександр Сирски побарал „да ги развие следните клучни чекори“ од операцијата.

Сѐ се одвива според планот – одговорил генералот Сирски, без да објаснува.

Хеорхиј Тихи, портпарол на Министерството за надворешни работи, изјави дека „Украина не е заинтересирана за окупирање територија, туку за заштита на животите на својот народ“.

– Операцијата помага за фронтот, бидејќи не ѝ дозволува на Русија да префрли дополнителни единици во окупираниот регион Доњецк и ѝ ја комплицира воената логистика – изјави Тихи.

Длабокиот пробив, во исто време, создава логистички проблеми и за украинското копје, во кое се вклучени околу 10.000 војници од четири бригади, со тенкови и борбени возила, како и со поддршка од беспилотни летала и од системи за електронско попречување. И нивното ангажирање и засилување претставува оситнување на украинските одбранбени линии на фронтот, на кој со месеци наназад напредуваат руските сили. Особено е критичен пробивот кон украинскиот логистички јазол во Покровск.

Одговор на Москва

Аналитичари укажуваат дека развојот на ситуацијата ќе зависи од одговорот на руските сили. Претседателот Владимир Путин изјави дека Русија ќе испрати „силен одговор“. Кон Курск веќе се префрлаат војници и оружје. Лирбанскиот министер за одбрана Лауринас Кашчиунас изјави дека Русите кон Курск испраќаат засилувања дури и од балтичката енклава Калининград.

Аналитичарот Паси Пароинен од групата Блекбрд, оцени дека Русија има доволно големи воени резерви да го запре пробивот, но дека досега главно се потпирала на единиците што се во регионот.

Русите треба да имаат доволно резерви за да не бидат принудени да ја ослабат централната група единици што сега ги притиска украинските одбранбени линии кај Торетск и Покровск – изјави Пароинен.

Повеќе последица отколку цел на пробивот е кревањето на моралот на Украинците, по низата територијални загуби на фронтот.

Ако, пак, целта на акцијата била да се заземе поповолна позиција ако наскоро бидат организирани мировни преговори, на пример во случај на победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД во ноември, Москва вчера одговори дека пробивот кон Курск „само може да предизвика долга пауза“ во мировните напори. Родјон Мирошник, портпарол во руското Министерство за надворешни работи ја нарече офанзивата „терористичка акција“.

Украински борбени возила во областа Курск, на нишан на руски дрон – Фотографија ЕПА, Министерство за одбрана на Русија

Рускиот амбасадор во Обединетите нации ги критикуваше западните сили поради тоа што не ја осудиле украинската инвазија врз руска територија, како што пред две години ја осудија руската.

Многу, многу смел маневар

Украинскиот пробив во Русија е „многу, многу смел маневар, кој засега се исплати“, оцени сер Алекс Јангер, поранешен шеф на британската разузнавачка служба МИ-6.

Стратегијата на претседателот Володимир Зеленски е дека треба да ја „ресетира“ политиката на војната во своја полза и на Русија да ѝ да наметне цена и неизвесност – изјави Јангер за Би-би-си.

Тој оцени дека операцијата би била успешна само ако Зеленски има план за логистичка поддршка и за повлекување на трупите. Линк

 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Рама за „Јехона политике”: Косово доброволно стана заложник на Србија

September 29, 2025

Собири против блокадите и контра собири се одржаа низ Србија

September 28, 2025

Времено затворен Октоберфест – не ги собира сите заинтересирани

September 28, 2025

Трамп испраќа војници во Портланд за да го заштити од Антифа

September 27, 2025

Флорида дозволи носење оружје на јавно место: маж го тестираше пред „Волмарт“

September 27, 2025
ФОКУС

Локални избори 2025: Од денеска, 29-ти септември, до 17-ти октомври на полноќ, ќе трае законската изборната кампања

ВЕСТИ September 29, 2025

Локалните избори закажани за 19 октомври ќе бидат осми од независноста на државата, а четврти…

Кијив: Повеќе од 40 повредени во масовниот руски напад

September 28, 2025

Филипче: Чесноста и интегритетот на кандидатите на СДСМ ја прават разликата со ВМРО-ДПМНЕ, денес стоиме со јасна порака, ова е момент на нов почеток

September 28, 2025

Родителите на починатите во „Пулс“: Или одговори или радикализација

September 27, 2025
ТИКЕР

Рама за „Јехона политике”: Косово доброволно стана заложник на Србија

September 29, 2025

Собири против блокадите и контра собири се одржаа низ Србија

September 28, 2025

Времено затворен Октоберфест – не ги собира сите заинтересирани

September 28, 2025

Трамп испраќа војници во Портланд за да го заштити од Антифа

September 27, 2025

Флорида дозволи носење оружје на јавно место: маж го тестираше пред „Волмарт“

September 27, 2025
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.