Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-Ун, во своето новогодишно обраќање порача, меѓу другото, дека САД нема да биде во можност да започне војна против Северна Кореја сега кога оваа земја може да ја погоди американската територија со нуклеарно оружје.
„Целите Соединети Држави се на дометот на нашето нуклеарно оружје, а копчето за нуклеарен напад е секогаш на мојата маса. Ова е реалност, а не закана“, вели Ким Јонг-ун.
Јужнокорејската агенција Јонхап пренесе дека лидерот на Северна Кореја повикал на масовно производство на нуклеарни и балистички проектили и дека прогласил дека неговата земја во 2017 година станала нуклеарна сила.
Тој нагласил дека Пјонгјанг ќе го користи ова оружје само кога безбедноста на државата е под закана.
Врховниот лидер на државата во говорот рекол и дека двете Кореи треба да ги подобрат своите односи и дека патот кон дијалогот е отворен.
Ким Јонг-Ун ја разгледува можноста за испраќање на севернокорејска спортска делегација на Олимписките игри што ќе се одржат во февруари во јужнокорејскиот град Пјонгчанг и откри дека двете Кореи во блиска иднина треба да се состанат за да разговараат на таа тема.

