НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

КОБНАТА КОТА 524 – четврто продолжение

0
By Marija Todorovska on March 12, 2024 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

20 години од загинувањето на Претседателотна Република Македонија Борис Трајковски – 26 февруари 2004

НОВА пренесува хронологија вести на Македонската медиумска агенција – МИА за авионската несреќа во која утрото на 26 февруари на пат за Мостар, БиХ, во близина на мостарскиот аеродром, крај Столац на месноста Ротмиље, Кота 524, се урна државниот авион при што трагично загина Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски.

Во несреќата загинаа и осумте патници членови на неговиот кабинет, советниците Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришнан Лозановска, на обезбедувањето Миле Крстевски, Аце Божиновски и Борис Велиновски како и екипажот на авионот капетанот Марко Марковски и копилотот Бранко Ивановски.

Владиниот авион од типот „Кингер“ во услови на магла и сложени метеоролошки услови се урна на брдовит терен во близина на мостарскиот аеродром кај местото Столац, кота 524.

      КОБНАТА КОТА 524

февруари 2004 08 : 01 – 05 март 14 : 00

175 часа вести

 

ПРЕС НА ВЛАДА – ВЛАДО БУЧКОВСКИ: ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ ЌЕ БИДЕ ПОГРЕБАН ВО СКОПЈЕ

Скопје, 27 февруари (МИА) – Претседателот Борис Трајковски ќе биде погребан во Скопје, на гробиштата Бутел.

Министерот за одбрана Владо Бучковски на прес-конференцијата во Владата, информираше дека тоа било договорено во разговорот што премиерот Бранко Црвенковски го имал со сопругата на претседателот, Вилма Трајковска и со најблиското семејство на шефот на државата.

Бучковски рече дека е утврдена точната локација каде што ќе се одржи погребот на претседателот Трајковски.

Министерството за надворешни работи, како што истакна Бучковски, ги презело сите активности за пречек на странските државјани кои ќе присуствуваат на церемонијата на погребот.

Според Бучковски, индициите укажуваат дека авионот не е причина за авионската несреќа.

ПРОНАЈДЕНИ ТЕЛАТА НА СИТЕ ПАТНИЦИ ОД УРНАТИОТ АВИОН

Мостар, 27 февруари (МИА) – Телата на претседателот Борис Трајковски и на останатите осуммина кои се наоѓаа во авионот “Кинг-ер” што се урна вчера во близина на Столац се пронајдени, а откриена е и црната кутија, потврдија македонскиот министер за правда Иџет Мемети и министрите за безбедност и за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бариша Чолак и Младен Иваниќ.

Тие го посетија местото каде што е пронајден авионот во близина на селото Ротимља, недалеку од Столац.

Македонските и босанските експертски тимови се на местото на трагедијата и преземаат активности за пренесување на телата во Мостар, каде што ќе се изврши обдукцијата и идентификацијата, а која според најавите можеби ќе потрае еден или два дена.

Бариша Чолак изјави дека причините за несреќата се уште не се познати и оти за нив ќе се знае откако ќе заврши истрагата. Авионот е пронајден изутрината во 8 часот и 30 минути од хеликоптер на Федерацијата на Босна и Херцеговина, 24 часа по неговото уривање.

Според информациите од теренот, телата се пронејдени во трупот на авионот.

КОМЕМОРАТИВНА СЕДНИЦА ВО САРАЕВО ПО ПОВОД СМРТТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ

Сараево, 27 февруари (МИА) – Во Сараево попладнево се одржа комеморативна седница по повод загинувањето на претседателот Борис Трајковски, на која присуствуваа највисоки претставници на власта во Босна и Херцеговина, на меѓународната заедница и на дипломатскиот кор во оваа земја.

Шефот на мисијата на Европската комисија во БиХ Мајкл Хемфрис се прости од претседателот Трајковски, подвлекувајќи дека е ова “тажен ден за Македонија која губи мудар и одмерен челник, но и за целиот балкански регион и Европа”.

Хемфрис рече дека Трајковски заговарал отворено и мултиетничко општество и оти неговите дела беа пример не само за граѓаните на Македонија, туку и за целиот регион.

Претседавачот на Претседателството на Босна и Хергеговина рече дека неговата земја изгубила драг пријател и човек во која Европа препознала една од највлијателните личности на регионот.

“Со смртта на Трајковски многу загуби не само Македонија, туку и целиот регион во заедничкото стремеж кон европските интеграции”, додаде Човиќ на комеморацијата во Сараево. хс/са/16:56/миа/МТнет/

###

КНИГА НА ЖАЛОСТ ПО ПОВОД СМРТТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ

Скопје, 27 февруари (МИА) – По повод загинувањето на претседателот на Република Македонија Борис Трајковски во холот на македонскиот Парламент ќе биде отворена книга на жалост.

Книгата на жалост ќе биде отворена вечерва од 18 до 20 часот и утре и задутре од 9 до 17 часот.

ВМРО-ДПМНЕ БАРА ФОРМИРАЊЕ КОМИСИЈА ЗА РАСВЕТЛУВАЊЕ НА НЕСРЕЌАТА НА ТРАЈКОВСКИ

Скопје, 27 февруари (МИА) – ВМРО-ДПМНЕ смета дека загинувањето на претседателот Борис Трајковски се случило под неразјаснети околности, поради што бара од македонската Влада итно формирање на комисија која ќе работи на целосно расветлување на околностите под кои загина шефот на државава, а во која ќе бидат вклучени претставници и експерти на опозицијата и Кабинетот на претседателот.

ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ГЛИГОРОВ ИЗРАЗИ СОЧУВСТВО ПО ПОВОД СМРТТА НА ТРАЈКОВСКИ

Скопје, 27 февруари (МИА) – Длабоко сум потресен од веста за трагичниот настан во кој, во авионска несреќа загина претседателот Борис Трајковски со што нашата држава загуби млад и перспективен политичар и државник, чесен човек, добар сопруг и родител, се вели во телеграмата со сочувство од поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров упатена до Парламентот и до семејството на претседателот.

Во изминатите повеќе од четири години претседателот Трајковски даде голем придонес за развојот и просперитетот на земјава и за нејзината сестрана афирмација во светот. Особено е за одбележување неговиот ангажман како Врховен командант на оружените сили на земјата за разрешување на безбедносните прашања со демократски средства, како и неговиот трпелив и мирољубив пристап кон сите спорни прашања во внатрешната и надворешната политика.

“Уверен сум дека и во овие тешки моменти за Вашето семејство, ќе изнајдете сили да го сочувате спокојството, во што голема поткрепа ќе ви бидат убавите спомени за прекрасниот сопруг и татко, Борис Трајковски”, вели Глигоров во телеграмата до семејството на претседателот.

Тој воедно до пратениците во македонското Собрание и граѓаните на Република Македонија порачува дека е убеден оти и покрај немилиот настан тие уште повеќе ќе се сплотат преку институциите на системот за да изнајдат решенија за актуелните проблеми со кои се соочува земјата.

ЏОРЏ БУШ ИЗРАЗИ ДЛАБОКО СОЧУВСТВО ПОРАДИ ЗАГИНУВАЊЕТО НА БОРИС ТРАЈКОВСКИ

Вашингтон, 27 февруари (МИА) – Во име на американскиот народ изразувам сочувство на семејството на претседателот Борис Трајковски и на македонскиот народ, се вели во изјавата на претседателот на САД Џорџ Буш, по повод трагичната смрт на шефот на македонската држава.

“Лора и јас жалиме за смртта на претседателот на Македонија, Борис Трајковски, почитуван лидер и пријател на САД”, нагласува Буш во изјавата која денеска ја објави портпаролот на Белата куќа, Скот Меклилан.

Како што јави Гласот на Америка – Програма на македонски јазик, Буш во изјавата нагласува дека Трајковски покажа голема храброст водејќи ја земјата од работ на граѓанска војна кон мир, со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

“САД силно ја поддржуваат визијата на претседателот Трајковски за мултиетничка демократска Македонија, со мир во неа и во мир со нејзините соседи и на патот кон целосно зачленување во трансатлантската заедница”, се вели во изјавата со сочувство на американскиот претседател Џорџ Буш.

АКЦИЈАТА ЗА ПОТРАГА ПО НАСТРАДАНИТЕ ВО АВИОНОТ НА ТРАЈКОВСКИ ОФИЦИЈАЛНО ЗАВРШИ

Мостар, 27 февруари (МИА) – Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Босна и Херцеговина вечерва соопшти дека се пронајдени деветте тела од авионот со кој патуваше претседателот Борис Трајковски и оти со тоа е завршена акцијата за трагање по настраданите.

На местото на настанот попладнево дојде и тим на Јавното обвинителство на БиХ, предводен од заменик-обвинителот Меџид Кресо, кој ќе изврши увид на авионот.

Телата на настраданите од делегацијата и членовите на екипажот ќе бидат префрлени во Мостар каде ќе биде извршена обдукција, а во Скопје ќе бидат пренесени најдоцна до недела.

ИСТРАЖНАТА ПОСТАПКА ВО РОТИМЉЕ ПРОДОЛЖУВА УТРЕ

Мостар, 27 февруари (МИА) – Експертските тимови во 18 часот и 30 минути ја прекинаа истрагата на местото на кое се урна авионот на претседателот Борис Трајковски, поради лошите временски услови на теренот, изјави македонскиот министер за правда Иџет Мемети вечерва во Мостар.

Извлечени се осум тела на настраданите во несреќата кои се префрлени во Медицинскиот центар во Мостар, каде што ќе се изврши нивната идентификација и обдукција.

Министерот Мемети бил на местото на трагедијата и од сознанијата што ги добил од екипите за истрага рече дека кај сите патници во авионот смртта настанала во времето на случувањето на несреќата.

“Вакви повреди од термичка и механичка природа не можел да преживее ниту еден од патниците во авионот”, рече Мемети, пренесувајќи го мислењето на Алексеј Дума, експерт за судска медицина во македонскиот координативен тим.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Мостар, увидот на местото на кое се урна авионот во Ротимља, кое постојано се обезбедува, ќе продолжи утре рано наутро за да се финализира истрагата.

Министерот за правда и предводник на координативниот тим од Македонија во Босна рече дека лично ја видел црната кутија пронајдена во авионот. Тој додаде дека враќањето на телата во Република Македонија ќе зависи од текот на обдукцијата која, според него, ќе потрае.

Во Амбасадата на Република Македонија во Сараево, од утре до денот на погребот, од 9 до 16 часот, ќе биде отворена книга на жалост за трагично загинатиот претседател на Република Македонија Борис Трајковски.

февруари,2004

И ПОСЛЕДНОТО ТЕЛО ПРЕФРЛЕНО ВО МЕДИЦИНСКИОТ ЦЕНТАР ВО МОСТАР

Мостар, 28 февруари (МИА) – Спасувачките екипи и тимот од специјалното владино тело денеска го извлекоа и последното тело од урнатиот авион, јави специјалниот известувач на МИА од Мостар. Телото е префрлено во Медицинскиот центар во Мостар.

Според процедурата, следува обдукција и идентификација на телата што ќе се изврши во Мостар.

ЈОРДАНОВСКИ И МИТРЕВА ЈА ПОСЕТИЈА ВИЛМА ТРАЈКОВСКА

Скопје, 28 февруари (МИА) – Претседателот на Собранието на Република Македонија Љупчо Јордановски и Илинка Митрева, министер за надворешни работи, вчера ја посетија Вилма Трајковска, сопруга на трагично починатиот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски при што и упатија неа и на семејството, изрази на длабоко сочувство.

УСТАВНИОТ СУД ПОБАРА ОФИЦИЈАЛНИ НАОДИ ЗА СМРТТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ

Скопје, 28 февруари (МИА) – Уставниот суд на Република Македонија, веднаш по вчерашната прес-конференција на Владата на која беше и официјално соопштено дека нема преживеани во несреќата во која се урна авионот на претседателот Борис Трајковски, побарал да му бидат доставени сите наоди.

“По соопштението дека во близина на Мостар се пронајдени остатоците од авионот, како и сите девет безживотна тела на патниците, вклучувајќи го и телото на претседателот Борис Трајковски, Уставниот суд согласно своите надлежности се обрати до претседателот на Владата на Република Македонија со барање да му бидат доставени сите официјални извештаи и наоди со кои се констатира смртта на претседателот на државата, штом тие ќе и бидат достапни на Владата”, се вели во соопштението од Судот.

Барањето е во согласност со уставните надлежности на оваа институција за утврдување на настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката по службена должност.

Како што е понатаму наведено со соопштението од Уставниот суд, тие ќе работат со полно работно време и дежурства до крајот на денов и утре.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ ЌЕ БИДЕ ПОГРЕБАН ВО АЛЕЈАТА НА ВЕЛИКАНИТЕ, ОДЛУЧИ ОДБОРОТ

Скопје, 28 февруари (МИА) – Одборот за организирање на погребот на претседателот Борис Трајковски на денешната конститутивна седница донесе одлука претседателот да биде погребан на гробиштата Бутел, во Алејата на великаните.

“Одборот и препорача на Владата на Република Македонија да донесе одлука денот на погребот да биде прогласен за неработен и за ден на жалост”, изјави владиниот портпарол, Сашо Чолаковски додавајќи дека комеморативната седница на републичкиот Парламент ќе се одржи в понеделник, 1 март со почеток во 12 часот.

Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија задолжени се да ја организираат церемонијата на дочек на посмртните останки на претседателот Трајковски со сите државни и воени почести.

Чолаковски исто така соопшти дека македонските граѓани ќе можат да му оддадат почит на претседателот пред одарот со ковчегот, во зградата на Собранието на Република Македонија.

Одборот не ги соопштува моментот на пристигнувањето на посмртните останки и денот на погребот на претседателот Трајковски, бидејќи како што се вели во заклучокот, “од разбирливи причини се уште не се утврдени”.

На чело на Одборот за организирање на погребот на претседателот Борис Трајковски се наоѓа министерот за одбрана, Владо Бучковски, а меѓу 16-те членови се наоѓаат братот на покојниот претседател Трајковски, градоначалникот Ристо Пенов, советници од Кабинетот на претседателот и потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Ганка Самоиловска – Цветанова.

Премиерот Бранко Црвенковски денеска претпладне одржа средба со лидерот на ДПА, Арбен Џафери на која Црвенковски ги повторил заложбите и активности што Владата ги презела од моментот на осознавањето на трагичниот настан.

Од Џафери побарал мислење за плановите на неговата партија околу учеството со предлози за надминување на колизијата што се појави во Уставот и Законот за избор на претседател на држава. Притоа, лидерот на ДПА ветил дека неговата партија размислува да партиципира со свои согледувања и анализи за надминување на овој настанат проблем.

ВИЛМА ТРАЈКОВСКА ИМ ИЗРАЗИ СОЧУВСТВО НА СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ОД ДЕЛЕГАЦИЈАТА

Скопје, 28 февруари (МИА) – Сопругата на покојниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски денеска упати телеграма со сочувство до семејствата на загинатите членови на делегацијата, на обезбедувањето на претседателот и до семејствата на загинатите пилоти.

КОМЕМОРАТИВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА СТРУМИЦА

Струмица, 28 февруари (МИА) – По повод трагичната смрт на претседателот на Република Македонија Борис Трајковски денеска во големата сала во Домот на културата Советот на Општина Струмица одржа комеморативна седница.

За животот и делото на својот сограѓанин претседателот Трајковски, зборуваше градоначалникот на Општина Струмица, Кирил Јанев.

“Изгубивме син, брат, верен другар, близок пријател, добар човек кој сиот свој живот го вгради за доброто на Македонија, за мирот во регионот и за посреќна иднина на својата земја. Посиромашни сме за него, но истовремено и горди што го имавме”, рече меѓу другото градоначалникот Јанев.

Попладнево во Струмица е отворена Книга на жалост во која први се потпишаа градоначалниците на шестте општини од регионот, советници, пратениците во македонскиот Парламент од овој регион, а во редици да се потпишат и со тоа да му оддадат почит на својот сограѓанин и претседател Борис Трајковски, чекаат стотици граѓани.

ОСТАТОЦИТЕ ОД АВИОНОТ ПРЕНЕСЕНИ НА АЕРОДРОМОТ ВО МОСТАР

Мостар, 28 февруари (МИА) – Остатоците од авионот врз кои ќе се извршат потребни технички испитувања и вештачења денеска се пренесени со теренски возила на војската на Федерацијата на БиХ на аеродромот “Ортиеш” кај Мостар.

Министерството за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина соопшти дека мешовитиот тим од судско-медицински експерти од БиХ и Република Македонија од остатоците на авионот извадил девет тела на патници со констатација дека сите тие загинале веднаш по ударот на авионот во почвата.

Тимот ги отфрли сите шпекулации за тоа дека по падот на авионот имало преживеани патници, јави специјалниот известувач на МИА.

ПРЕМИЕРОТ ЦРВЕНКОВСКИ ВЕЧЕРВА ПАТУВА ЗА САРАЕВО

Скопје, 28 февруари (МИА) – Премиерот Бранко Црвенковски и министерот за внатрешни работи Хари Костов вечерва ќе отпатуваат во Сараево, со цел да ја забрза истрагата за причините за авионската несреќа во која настрада претседателот Борис Трајковски и да повлијаат во насока на нејзино побрзо завршување.

Како што соопшти на денешната прес-конференција владиниот портпарол Сашо Чолаковски, Црвенковски вечерва треба да се сретне со претседателот на Претседателството на федерацијата Босна и Херцеговина, Аднан Терзиќ, а предвидена е и средба со челните луѓе на СФОР.

Премиерот инсистирал утре претпладне од Сараево да отпатува за Мостар, каде што треба да се сретне со специјалното истражно тело предводено од македонскиот министер за правда, Иџет Мемети.

“Тој сака лично да разговара со одговорните за спроведувањето на истрагата и непосредно да се информира за деталите од неа. Премиерот исто така има желба да отиде и на местото на трагедијата, но зависи од тамошните власти и од истражните органи дали ќе му го дозволат тоа”, рече Чолаковски.

Тој соопшти дека примероци од ДНК досега се земени од осуммина од загинатите во авионската несреќа и веднаш се доставени во Загреб на експертска анализа. Најоптимистички, резултатите би можеле да се очекуваат за два до два и пол дена.

“Едното тело е веќе идентификувано, но не би сакал да го соопштам неговиот идентитет додека не ги добиеме и официјалните потврди од Сараево”, изјави владиниот портпарол.

(УРГ) СИТЕ ПАТНИЦИ ГО ЗАГУБИЛЕ ЖИВОТОТ ВО МОМЕНТОТ НА ПАЃАЊЕТО НА АВИОНОТ

Мостар, 28 февруари (МИА) – Со сигурност може да се тврди дека сите патници во авионот го загубиле животот во моментот кога авионот удрил на земја.

“Ова е првичната констатација на стручните екипи на теренот”, му потврди на известувачот на МИА македонскиот министер за правда, Иџет Мемети.

Ова е реакција на Мемети на се побројните шпекулации во босанските и другите странски медиуми за авионската несреќа на претседателот Борис Трајковски.

ВО ТЕК Е ОБДУКЦИЈАТА НА ТЕЛАТА НА НАСТРАДАНИТЕ ВО АВИОНСКАТА НЕСРЕЌА

Мостар, 28 февруари (МИА) – Во мостарската мртовечница во тек е обдукција на настраданите членови на македонската делегација што трагично настрада во авионската несреќа кај Мостар, изјави патологот Хамза Жујо.

Експертот по патологија изјави дека досега е извршена обдукција на три тела без притоа да даде информација кога би била завршена обдукцијата на сите загинатите во несреќата.

Според податоци на експертскиот тим што работи на обдукцијата, за четири тела постојат доволен број показатели врз чија основа би можела да биде извршена идентификација, додека за останатите пет тела процесот на идентификација би можел да потрае бидејќи врз нив би морало да биде извршена техничка идентификација, односно ДНК-анализа, изјави портпаролот на босанското МВР Неџад Вејзагиќ.

Според него на идентификација на телата на загинатите што се одвива во Мостар работат експертски тимови по судска медицина од БиХ и од Македонија, а помош понудија и експерти од САД и од Франција.

ЏЕЛАЛ ХАЦЕЛИЌ ЗА МИА: НЕМА АПСОЛУТНА ОДГОВОРНОСТ ЗА КОНТРОЛОРИТЕ

Мостар, 28 февруари (МИА) – Џелал Хацелиќ, заменик-директорот на Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба на Босна и Херцеговина изјави дека ништо не може да биде соопштено се додека не биде комплетирана истрагата, односно додека не се преслушаат и снимките од “воис рекордер”-от во авионот Кингер со кој патуваше претседателот Борис Трајковски.

Сепак, Хацелиќ за известувачот на МИА во Мостар потврдил дека се преслушани лентите од комуникацијата меѓу контролорите на летање во контролната кула на мостарскиот аеродром, францускиот претставници на СФОР и македонските пилоти.

“Првите оценки од преслушувањето на лентата укажуваат дека се се одвивало според вообичаената процедура. Нема апсолутна одговорност за контролорите на летање во контролната кула во Мостар, бидејќи се` се одвивало според процедурата”, рече Џелал Хацелиќ.

БОСАНСКОТО МВР СООПШТИ ДЕКА СИТЕ ПАТНИЦИ ЗАГИНАЛЕ ВО МОМЕНТОТ НА УРИВАЊЕТО НА АВИОНОТ

Сараево, 28 февруари (МИА) – Според прелиминарните анализи на мешовитиот судско-медицински тим експерти од БиХ и од Македонија, “сите деветмина патници загинале во моментот на ударот на авионот на земја”.

Со денешното соопштение, Министерството за внатрешни работи на БиХ ги отфрла сите шпекулации според кои и по урнувањето на авионот имало преживени.

ЦРВЕНКОВСКИ И КОСТОВ ПРИСТИГНАА ВО САРАЕВО

Сараево, 28 февруари (МИА) – Премиерот Бранко Црвенковски и министерот за внатрешни работи Хари Костов вечерва допатуваа во Сараево, на разговори со највисокото раководство на БиХ посветени на истрагата околу авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски и членовите на македонската државна делегација.

На аеродромот во Сараево македонската делегација ја пречека претседателот на Советот на министрите на Федерацијата БиХ Аднан Терзиќ.

Црвенковски и Костов уште вечерва ќе се сретнат со претседателот на Претседателството на БиХ Сулејман Тихиќ, а подоцна и со највисоки претставници на СФОР.

Премиерот Црвенковски утре рано изутрина ќе замине за Мостар, на средба со претставници на македонската специјална истражна екипа предвоена од министерот за правда Иџет Мемети.

 (П р о д о л ж у в а)

 

       

Борис Трајковски
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Гром удри во фудбалери – 11 играчи повредени

August 3, 2025

Постапките на Трамп убиваат, а љубовта спасува животи“, кажаа на Парадата на гордоста во Амстердам

August 3, 2025

Потврдена е првостепената пресуда против претседателот на Република Српска

August 1, 2025

Германија ќе испорача два системи „Патриот“ на Украина како дел од договорот со САД

August 1, 2025

Протест во Шабац против рудникот за литиум

August 1, 2025
ФОКУС

Милановиќ ѝ забрани на хрватската армија да соработува со Израел

ВЕСТИ August 3, 2025

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ ја повика хрватската влада да ја прекине трговијата со оружје…

Честитки од државниот за Илинден

August 2, 2025

Одбележување на Илинден во Крушево, Пелинце и Скопје

August 2, 2025

Кијив: Ден на жалост по смртоносниот напад во кој загинаа најмалку 28 лица

August 1, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.