НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

КОБНАТА КОТА 524 – петто продолжение

0
By Marija Todorovska on March 13, 2024 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

20 години од загинувањето на Претседателотна Република Македонија Борис Трајковски – 26 февруари 2004

НОВА пренесува хронологија вести на Македонската медиумска агенција – МИА за авионската несреќа во која утрото на 26 февруари на пат за Мостар, БиХ, во близина на мостарскиот аеродром, крај Столац на месноста Ротмиље, Кота 524, се урна државниот авион при што трагично загина Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски.

Во несреќата загинаа и осумте патници членови на неговиот кабинет, советниците Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришнан Лозановска, на обезбедувањето Миле Крстевски, Аце Божиновски и Борис Велиновски како и екипажот на авионот капетанот Марко Марковски и копилотот Бранко Ивановски.

Владиниот авион од типот „Кингер“ во услови на магла и сложени метеоролошки услови се урна на брдовит терен во близина на мостарскиот аеродром кај местото Столац, кота 524.

      

КОБНАТА КОТА 524

февруари 2004 08 : 01 – 05 март 14 : 00

175 часа вести

февруари 2004

ЦРВЕНКОВСКИ И ТЕРЗИЌ ПРИСТИГНАА ВО МОСТАР

Мостар, 29 февруари (МИА) – Македонскиот премиер Бранко Црвенковски и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Аднан Терзиќ денеска допатуваа во Мостар за да го посетат местото на трагедијата каде на 26 февруари во авионска несреќа загина македонскиот претседател Борис Трајковски и осум други лица.

Црвенковски и Терзиќ ја посетија и мртовечницата каде се врши идентификација на телата од несреќата, јави специјалниот известувач на МИА од Мостар.

“Во мостарската мртовечница е извршена обдукција врз четири тела”, изјави главниот патолог Хамза Жујо, но не даде детали за имињата на обдуцираните бидејќи тие се уште не се службено потврдени.

Се очекува денеска да биде завршена обдукцијата врз останатите пет тела.

ПРЕМИЕРОТ ЦРВЕНКОВСКИ ПРИСТИГНА НА МЕСТОТО НА НЕСРЕЌАТА

Мостар, 29 февруари (МИА) – Македонскиот премиер Бранко Црвенковски пристина на местото на несреќата каде што се урна авионот на претседателот Борис Трајковски, јави специјалниот известувач на МИА од Мостар.

Црвенковски денеска пристигна во Мостар заедно со претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Аднан Терзиќ. Тие претходно ја посетија мртовечницата каде се врши идентификација на телата од несреќата.

Главниот патолог Хамза Жујо изјави дека е извршена обдукција врз четири тела, не давајќи притоа детали за имињата на лицата.

КОМЕМОРАТИВНА СЕДНИЦА НА СОБРАНИЕТО НА МАКЕДОНИЈА В ПОНЕДЕЛНИК

Скопје, 29 февруари (МИА) – Собранието на Република Македонија в понеделник во 12 часот ќе одржи комеморативна седница по повод смртта на македонскиот претседател Борис Трајковски.

МЛАДЕН ИВАНИЌ: РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ИСТРАГАТА ВО РАЗУМЕН РОК

Мостар, 29 февруари (МИА) – “Истрагата е во тек. Резултатите од неа се очекуваат во некој разумен рок”, изјави денеска во Мостар Младен Иваниќ министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина по разговорите со македонскиот премиер Бранко Црвенковски.

Тој додаде дека е договорено двете направи за снимање од авионот -(воис рекордер, фли рекордер) нема да бидат испратени во Париз туку во некоја друга држава.

ЦРВЕНКОВСКИ: ИНСИСТИРАВМЕ НА ПОБРЗО РАСВЕТЛУВАЊЕ НА СЛУЧАЈОТ

Мостар, 29 февуари (МИА) – “Инсистиравме на што побрзо расветлување на вистината затоа што се работи за голема трагедија за нашата земја. Изгубени се девет животи и животот на претседателот на државата”, изјави попладнево во Мостар премиерот Бранко Црвенковски.

Тој додаде дека во оваа фаза е неблагодарно какво било прејудицирање за причините за несреќата.

“Се уште не е одлучено каде ќе оди на испитување црната кутија, но сосема е сигурно каде нема да оди”, истакна премиерот алудирајќи на неодамнешната информација дека црната кутија нема да се испитува во Париз.

Се уште е неизвесно кога ќе биде транспортот на телата на загинатите поради процесот на идентификацијата.

Македонскиот премиер денеска во Мостар имаше средба со членови на босанското претседателство и го посети местото на несреќата близу Мостар.

ИЗЈАВА НА ЗАМЕНИК ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ НА БИХ

Мостар, 29 февруари (МИА) – “Не можам ништо да кажам во врска со причината за авионската несреќа во која загина македонскиот претседател Борис Трајковски и неговата делегација. Истрагата е во тек”, изјави денеска во Мостар заменик јавниот обвинител на Босна и Херцеговина Васо Маринковиќ.

Тој истакна дека е извршена обдукција на сите тела, а четири од нив веќе се идентификувани. Како што јави специјалниот известувач на МИА од Мостар, Маринковиќ изјави дека од телата се земени примероци за ДНК, чија анализа ќе се врши на три места БИХ, Хрватска и во Македонија.

“Резултатите од ДНК анализите од Загреб треба да пристигнат за најмалку три дена”, потенцира Маринковиќ.

Соработката со македонскиот експертски тим во Мостар Маринковиќ ја оцени позитивно.

Март 2004

ПОВЕЌЕ ЗЕМЈИ ЌЕ ИСПРАТАТ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ПОГРЕБОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ

Скопје, 1 март (МИА) – Делегации на САД, Русија, Кина, Холандија, Грција, Турција, Шпанија, Португалија, Норвешка, Словенија, Летонија, Украина, Бугарија, Албанија, Хрватска, Србија и Црна Гора, како и високи претставници на НАТО и на Европската унија, ќе присуствуваат на погребната церемонија на претседателот Борис Трајковски, соопшти Министерството за надворешни работи, појаснувајќи дека до овој момент овие земји го најавиле своето присуство на погребот.

МНР по добивањето на официјални потврди од земјите за присуство на нивните делегации на погребната церемонија ќе ги соопшти деталите за нивото и составот на секоја од делегациите.

(УРГ) ИДЕНТИФИКУВАНИ ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ

Скопје, 1 март (МИА) – Направена е идентификација на телото на претседателот Трајковски врз основа на ДНК анализите на примероци од неговиот татко Киро Трајковски и примерок од крвта на братот близнак Александар Трајковски.

Процесот за идентификација за останатите тела продолжува. Во текот на утрешниот ден посмртните останки на претседателот ќе бидат транспортирани од Мостар во Сараево, а во среда од Сараево со највисоки почести ќе бидат испратени во Скопје.

Погребот на претседателот Трајковски ќе биде одржан в петок.

ИДЕНТИФИКУВАНИ ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ

Скопје, 1 март (МИА) – Посмртните останки на претседателот Борис Трајковски се идентификувани со ДНК анализа во Загреб, врз основа на примероци од крвта на неговиот татко Киро Трајковски и братот близнак Александар Трајковски, соопшти заменик претседател на Владата Јован Манасиевски.

Процесот за идентификација за останатите тела продолжува. Во текот на утрешниот ден посмртните останки на претседателот ќе бидат транспортирани од Мостар во Сараево, а во среда од Сараево со највисоки почести ќе бидат испратени во Скопје.

На скопскиот аеродром посмртните останки во попладневните часови ќе бидат пречекани со највисоки државни и воени почести.

В четврток, посмртните останки на претседателот ќе бидат изложени во македонскиот Парламент, каде што граѓаните на РМ ќе може да му оддадат последна почит. Закопот ќе биде организиран в петок, што е прогласен за неработен и за ден на жалост. До петок знамињата ќе останат на половина копје.

Закопот на членовите не делегацијата и на екипажот ќе се одржи в четврток.

“Веднаш по добивањето на официјалниот допис, премиерот за тоа ја извести и сопругата Вилма Трајковска”, информира Манасиевски.

ФТВ: ФРАНЦУСКИОТ БАТАЛЈОН НА СФОР ОДГОВОРЕН ЗА ПАДОТ НА АВИОНОТ НА ТРАЈКОВСКИ

Сараево, 1 март (МИА) – Францускиот баталјон на СФОР ја сноси целосната одговорност за уривањето на авионот на македонскиот претседател Борис Трајковски во близина на Мостар, јави вечерва Телевизијата на Федерацијата БиХ (ФТВ), повикувајќи се на веродостојни полициски извори.

Во емисијата “60 минути”, ФТВ објави дека досегашната истрага за уривањето на авионот на македонската делегација покажала дека радарот, со кој од земјата требал да биде наведуван и следен авионот, се расипал три дена пред доаѓањето на македонската делегација.

Натаму се наведува дека паѓањето на авионот не е предизвикано од нестручноста на пилотите, ниту поради технички дефект, бидејќи авионот на македонската делегација целосно бил сервисиран еден месец претходно во Германија, како и тоа оти француските контролори на летање со пилотот разговарале на француски јазик што е во спротивност со меѓународните правила за авијација.

Повикувајќи се на истите полициски извори, ФТВ објави и дека француските контролори на летање, кои на 26 февруари го наведувале авионот на македонската делегација, веднаш се вратени во Франција.

март 2004

ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ УТРЕ ВО 11 ЧАСОТ ЌЕ БИДАТ ИСПРАТЕНИ ОД САРАЕВО

Сараево, 2 март (МИА) – Посмртните останки на претседателот Борис Трајковски и на членовите на македонската делегација кои трагично настрадаа во авионската несреќа кај Мостар утре во 11 часот со највисоки почести ќе бидат испратени од сараевскиот аеродром Бутмир, јавува МИА.

Инаку, денеска е завршена идентификацијата на сите тела на загинатите во несреќата.

ПОТВРДЕН ИДЕНТИТЕТОТ НА СИТЕ ЗАГИНАТИ ВО АВИОНСКАТА НЕСРЕЌА

Загреб, 2 март (МИА) – Иван Груиќ, шефот на загрепската експертска екипа што вршеше идентификација на посмртните останки на настраданите во авионската несреќа, во која животот го загубија македонскиот претседател Борис Трајковски и уште осум лица, потврди дека е утврден идентитетот на сите загинати.

СКОПЈЕ ЗАБРЗАНО СЕ РАСЧИСТУВА И УРЕДУВА

Скопје, 2 март (МИА) – Градските власти и денеска интензивно продолжуваат со уредување на сообраќајниците по кои ќе се движи поворката со посмртните останки на претседателот Борис Трајковски.

Во текот на денот затворена за сообраќај е улицата “Босна и Херцеговина” каде што екипи на сите поголеми македонски градежни претпријатија работат на уредување на рабниците на сообраќајницата. Исто така, рабниците се уредуваат и на булеварот “Александар Македонски”.

Покрај тоа, во текот на денов ќе се асфалтираат улиците “Боца Иванова” и “Цетинска”, како и мини паркиралиштата во близината на Алејата на великаните во гробиштата “Бутел”. Се заменуваат и семафорите на крстосницата во близината на Судската палата.

Екипите на ЈП “Паркови и зеленило” интензивно работат на уредување на зеленилото на просторот во близината на Алејата на великаните, како и на останатите места низ градот каде ќе поминуваат и престојуваат делегациите од странство кои ќе дојдат на погребот на македонскиот претседател.

Работите за уредување на трасата по која ќе оди погребната поворка се очекува да завршат во наредните два дена, а дотогаш сите јавни градски претпријатија ќе работат во три смени.

КОМЕМОРАТИВНА СЕДНИЦА НА КАБИНЕТОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ

Скопје, 2 март (МИА) – Кабинетот на претседателот на Република Македонија денеска напладне одржа комеморативна седница за членовите на семејствата на загинатите во делегацијата што ја предводеше претседателот Борис Трајковски.

Со тага и почит кон загинатите на семејствата на претседателот Трајковски и на членовите на делегацијата Димка Илкова-Бошковиќ, Анита Кришан-Лозановска, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Борис Велинов, Аце Божиновски, Марко Маркоски, зборуваше генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на Република Македонија Зоран Јолевски.

“Тешко ни е да поверуваме дека отсега, доаѓајќи на работа секое утро, Димка, Ристо и Анита нема повеќе да ги сретнеме на скалите или во ходниците, да си кажеме ‘добро утро’, да се прашаме ‘како си?’, да се напиеме кафе во паузите и да поразговараме за се и сешто, многу често и за нашите семејства. Се уште мислиме дека Александар и Борис ќе се појават веднаш зад претседателот, будно следејќи се околу него, спремни да ги дадат својот живот за него. Исто така, не можеме да поверуваме дека ги нема Марко и Бранко, кои не носеа неброени пати во сите делови на Европа”, рече Јолевски.

СФОР: ФРАНЦУСКИТЕ КОНТРОЛОРИ СЕ ВО БИХ

Сараево, 2 март (МИА) – Портпаролот на СФОР Дејв Саливен денеска изјави дека француските контролори кои го наведуваа авионот на македонската делегација пред да се урне во близина на Мостар, се наоѓаат во БиХ.

“Тие не се префрлени во Франција како што шпекулираат медиумите. Тие беа испрашани од истражни органи и понатаму ќе им бидат на располагање”, рече Саливен на редовната прес-конференција на меѓународните организации во Сараево.

Саливен истакна дека персоналот на СФОР задолжен за контрола на авиосообраќајот на аеродромот во Мостар е квалификуван да ги контролира летовите во согласност со меѓународно прифатената пракса и напомена дека и авионите на СФОР редовно го користат тој аеродром за своите летови.

Тој ги отфрли шпекулациите според кои опремата на СФОР на аеродромот е стара и не се сервисира. “Опремата што се користи е модерна и таа редовно се сервисира и се одржува”, додаде портпаролот на СФОР.

ТЕРЗИЌ: ФОРМИРАНА КОМИСИЈА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПАДОТ НА АВИОНОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ

Сараево, 2 март (МИА) – Претседавачот на Советот на министрите на БиХ Аднан Терзиќ изјави дека Министерството за комуникации на БиХ формирало комисија која треба да ги испита причините за падот на авионот на македонската делегација, како и оти во комисијата се наоѓаат двајца американски експерти.

Терзиќ за денешен “Дневни аваз” изјави дека, “додека не се испитаат сите релевантни причини за падот на авионот, за виновниците не може да се зборува, ниту некој има право да го обвинува СФОР за она што се случило на 26 февруари”.

“Меѓутоа, постои друга одговорност на СФОР. Факт е дека авионот паднал… Факт е и дека не е пронајден истиот ден. СФОР и властите на БиХ се одговорни за тоа бидејќи за меѓународната заедница, а посебно за македонската јавност, фактот дека СФОР тој ден сам ја презеде одговорноста за истрагата, не значи ништо”, рече Терзиќ.

март 2004

КОЛОНАТА СО ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ ТРГНА ОД МОСТАР ЗА САРАЕВО

Мостар, 3 март (МИА) – Колоната со посмртните останки на претседателот Борис Трајковски и членовите на македонската делегација кои трагично настрадаа во авионската несреќа што се случи на 26 февруари, утрово во 8 часот од Градската мртвачница во Мостар тргна за Сараево.

Како што се наведува во соопштението на Полицијата на Херцеговачко-Мостарската жупанија, колоната со посмртните останки, со полициска придружба ќе се движи низ мостарските улици “Крал Петар Крешимир Четврти”, улицата “Крал Томислав”, потоа низ улицата “Сплитска” преку Царинскиот мост и улицата “Маршал Тито”. Потоа колоната ќе се вклучи на магистралниот пат М-17 и ќе се упати за Сараево, преку градовите Јабланица и Коњиц.

Посмртните останки на Трајковски и неговите соработници со највисоки воени почести во 11 часот ќе бидат испратени од сараевскиот аеродром за Скопје.

ДРЖАВНА ДЕЛЕГАЦИЈА ОТПАТУВА ЗА САРАЕВО ДА ГИ ПРЕЗЕМЕ ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ

Скопје, 3 март (МИА) – Министерот за одбрана Владо Бучковски и заменик-началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајорот Мирослав Стојановски со припадници на Гардиската единица на АРМ рано изутринава со специјален авион од Американското воено воздухопловство заминаа за Сараево, од каде со воени почести ќе бидат преземени посмртните останки на претседателот Борис Трајковски и осуммината членови на македонската делегација кои настрадаа во близината на Мостар.

Церемонијата на испраќање на посмртните останки од Сараево треба да започне во 11 часот, а се очекува на неа да присуствува целиот воен и државен врв на БиХ, како и дипломатскиот кор во оваа земја.

Дочекот на посмртните останки на загинатите на аеродромот кај Петровец е предвиден за околу 14 часот и тоа со сите воени и државни почести. На дочекот ќе присуствуваат семејството на претседателот Трајковски и семејствата на останатите трагично загинати членови на делегацијата и на екипажот, државниот врв и претставници на Кабинетот на шефот на државата и на ВМРО-ДПМНЕ.

РЕКВИЕМ НА ОПЕРАТА НА МНТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИ

Скопје, 3 март (МИА) – По повод трагичниот настан и загинувањето на претседателот на Република Македонија Борис Трајковски Операта на Македонскиот народен театар в сабота ќе изведе фрагменти од “Реквием” на Џузепе Верди, под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар.

Како солисти ќе настапат Славица Петровска-Галиќ, Ирена Кавкалевска, Цветан Стојановски и Невен Силјановски.

Концертот е отворен за јавноста, а билетите се бесплатни и ќе можат да се подигнат на билетарницата на МНТ, секој ден од 13 до 20 часот.

ЖИТЕЛИТЕ НА МОСТАР СЕ ПРОСТИЈА ОД МАКЕДОНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ

Мостар, 3 март (МИА) – Конвојот со посмртните останки на македонскиот претседател Борис Трајковски и членовите на делегацијата и екипажот на авионот, утрово со највисоки почести, го напушти Мостар и се упати кон Сараево.

“Знаевме дека желба на претседателот Трајковски беше лично да дојде во нашиот град и со своето присуство на Конференцијата за инвестирање да даде свој придонес и да ја помогне нашата држава, но и овој град, економското заздравување и изградбата на доверба и толеранција, како вредности врз чија основа тој – како голем државник, својата земја успеа да ја извлече од кризата и обидот за поделба, и да ја донесе пред портите на Европската унија”, рече градоначалникот на Мостар Хамдија Јахиќ.

Тој додаде дека трагедијата го погоди целиот град и ги обедини во болка и тага сите негови жители.

“Длабоко сум уверен дека градот Мостар и Херцеговско-Неретванскиот кантон ќе знаат да ја ценат желбата на Борис Трајковски и на македонската делегација, со свое учество на Конференцијата да придонесат за економски и секаков друг развој на нашата држава”, нагласи на испраќањето претседателот на Владата на Херцеговско-неретванкиот кантон, Мирослав Ќориќ.

ОДЛОЖЕНА МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА ФИЛМОТ “БУБАЧКИ”

Скопје, 3 март (МИА) – Македонската премиера на краткометражниот игран филм “Бубачки”, по сценарио и режија на Игор Иванов-Изи, во продукција на “Сектор филм” од Скопје, која на 29 февруари беше одложена поради трагичниот настан и загинувањето на претседателот Борис Трајковски, презакажана е кон средината на овој месец.

Претпремиерно филмот “Бубачки” ќе биде прикажан во рамките на Скопскиот филмски фестивал кој ќе биде отворен в сабота.

Филмот “Бубачки” беше прикажан во официјалната конкуренција на кратки играни филмови на Берлинскиот филмски фестивал што се одржа од 5-ти до 15 февруари.

Од пријавените 1.600 кратки филмови, “Бубачки” беше селектиран меѓу 17 филмски остварувања кои се натпреваруваа за наградата “Златна мечка”.

СО НАЈВИСОКИ ПОЧЕСТИ ОД САРАЕВО ИСПРАТЕНИ ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ, ДЕЛЕГАЦИЈАТА И ЕКИПАЖОТ

Сараево, 3 март (МИА) – Посмртните останки на македонскиот претседател Борис Трајковски, шестемина соработници и двајцата пилоти денеска со највисоки почести беа испратени од сараевскиот аеродром кон Скопје.

“Борис Трајковски беше национален лидер на сите Македонци, но и лидер на западниот Балкан со европска визија. Беше свесен дека сигурност и просперитет малите народи и држави, можат најдобро да остварат во рамките на евро-атлантските интеграции. Борис Трајковски беше човек на мирот и толеранцијата. Ја попречи ескалацијата на меѓуетничките тензии и така ја избегна војната во Македонија – со умешно преговарање, со потврдена храброст и донесување одлуки”, рече во говорот пред испраќањето Сулејман Тихиќ претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина.

“Граѓаните на Босна и Херцеговина ќе го запаметат Борис Трајковски како човек кој сесрдно работеше на унапредување на добрите и пријателски односи меѓу нашата земја и Република Македонија. Нашите мисли и зборови за утеха им ги упатуваме на членовите на семејствата на македонската делегација и на екипажот на авионот, на сопругата Вилма. Му упатуваме сочувство на целиот македонски народ”, рече Тихиќ.

       (П р о д о л ж у в а)

 

Борис Трајковски
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Гром удри во фудбалери – 11 играчи повредени

August 3, 2025

Постапките на Трамп убиваат, а љубовта спасува животи“, кажаа на Парадата на гордоста во Амстердам

August 3, 2025

Потврдена е првостепената пресуда против претседателот на Република Српска

August 1, 2025

Германија ќе испорача два системи „Патриот“ на Украина како дел од договорот со САД

August 1, 2025

Протест во Шабац против рудникот за литиум

August 1, 2025
ФОКУС

Милановиќ ѝ забрани на хрватската армија да соработува со Израел

ВЕСТИ August 3, 2025

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ ја повика хрватската влада да ја прекине трговијата со оружје…

Честитки од државниот за Илинден

August 2, 2025

Одбележување на Илинден во Крушево, Пелинце и Скопје

August 2, 2025

Кијив: Ден на жалост по смртоносниот напад во кој загинаа најмалку 28 лица

August 1, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.