Автобуската несреќа во Бугарија и пожарот во тетовската модуларна болница ќе почекаат за расправа во Постојаната собраниска анкетна комисија. Парламентарниот спикер Талат Џафери ја откажа за денеска закажаната седница на парламентарното тело на чиј дневен ред беа двата трагични настана што предизвика реакција од претседателот на комисијата Халил Снопче.
Според него, во македонската парламентарна демократија досега не се случило претседател на Собрание да откаже седница на работно тело што е свикана од претседател. Вели дека откажувањето на седницата е прекршок за кој ќе следува одговорност.
„Сметам дека за првпат во нашата парламентарна историја се случува претседател на Собранието да откаже седница на работно тело свикано од претседател на телото. Како може да се откаже седница која не само што е законска, туку и фактички не е одржана? – Каде ја наоѓате правната основа за ова? – Дали Вие господине Џафери мислите дека сте Уставен суд и оти имате право да поништувате акти и дејства?“, запраша Снопче, пренесува Алсат ТВ.
Спикерот Џафери, пак, истакна дека седницата е откажана бидејќи претставката на граѓанинот Мухаедин Бела до Комисијата, во врска со трета точка од дневниот ред, се коси со Деловникот и со Уставот.
„Во член 185 од Деловникот на Собранието е пропишано дека Собранието, меѓу другото, може да разгледува и информации доставени од овластени предлагачи. Тоа значи дека истите треба да се достават до претседателот на Собранието, а претседателот да ги доставува до пратениците. Во тој случај може да се разгледаат на седница на надлежните работни тела“, се наведува во одговорот на Џафери до Снопче, претседател на Постојаната анкетна комисија.
Откажувањето на седницата предизвика реакција и на семејствата на жртвите во автобуската трагедија во Бугарија.
„Сега кога веќе ги немаме нашите најблиски, ја бараме само вистината и правдата. За таа цел побаравме Анкетната комисија во Собранието да одржи состанок за човековите права и слободи. Но, денеска добивме одговор дека оваа средба, иако беше свикана од Претседателот на Комисијата, Халил Снопче, сепак е откажана од Претседателот на Собранието. Потсетуваме дека пратениците се наши претставници во Собранието и тие треба да бидат нашиот глас и да нè бранат. Ние ја бараме само вистината и правдата, а таквите одлуки ги цениме како обид да се сокрие истото. Господинот Џафери денеска уште повеќе нѝ ја отежна болката и јавно го прашуваме зошто му смета вистината, кого сака да заштити и зошто не дозволува собраниска истрага?“, се вели во заедничкото соопштение на семејствата на жртвите во автобуската несреќа во Бугарија.
Средбата беше закажана за 25 март, а потоа беше побарано да се одложи и да се одржи на 5 април. Одговорот од првиот човек на Собранието за откажување на седницата бил добиен на 1 април.