Модерен и луксузен комплекс за домување со акцент на зеленилото и просторот за рекреација – вака може накусо да се опиште станбениот комплекс во Прага каде на страницата на архитектонското биро кое го изработува проектот како инвеститори се потпишани две фирми – едната е фирма од Луксембург, а другата е „Миртланис“, фирма која минатата недела првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, ја пријави како новостекнат имот во својот анкетен лист во Антикорупциската комисија.
Од фотографиите кои се достапни на страницата на архитектноскот биро „Фополис“ кое има седишта во Чешка и во Белград, може да се прочитаат инвеститорите – “Миртланис с.р.о“ и “Шелдон с.р.о“. Единствена фирма со назив „Миртланис“ во чешкиот регистер е токму фирмата која во Фебруари годинава Мијалков ја купил за нешто повеќе од 7 илјади евра во Прага. Се вклопува и седиштето на фирмата впишано на архитектонскиот проект со она на компанијата на Сашо Мијалков.
Проектот за модерниот комплекс за домување во главниот град на Чешка, областа Прага 6, е изготвен во Јуни годинава. НОВА засега нема информација до каде е и дали воопшто започнала реализацијата на овој проект.Испративме и прашање по електронска пошта до службата за односи со јавност на Министерството за внатрешни работи во кое побаравме појаснување дали овој проект е на фирмата на директорот на УБК. Исто така, минатата недела прашавме и дали постои конфликт на интереси во случај кога првиот човек на разузнавањето, функција која по својата природа подразбира голема моќ, има дозвола за редовен престој во странска држава.
Писмен одговор од директорот Мијалков добивме денеска попладне. Тој не одговори на нашето прашање околу тоа што работи неговата нова фирма во Чешка и дали проектот во Прага 6 е на таа фирма. Не упати да се обратиме во менаџментот на фирмата.
-Би сакал да Ве известам дека сите информации во врска со имотот кој што го поседувам се пријавени во Државната комисија за спречување на корупција. Доколку Ве интересираат некои детали од секојдневното работење на фирмата во која поседувам удел, би Ве упатил да се обратите до менаџментот одговорен за управувањето на фирмата, стои во писмениот одговор на Сашо Мијалков до НОВА.
Во врска со дозволата за редовен престој тој појаснува дека не ја гледа за проблематична и дека истата ја поседува подолго време.
-Мојот престој во Република Чешка е регулиран уште од крајот на 80-тите години со почеток на студиите во Прага, податок кој е јавно објавен и на интернет страната на Министерството за внатрешни работи. Досега не постоела каква било забелешка или претставка дека мојот престој во Република Чешка на каков било начин се коси со нашите закони и изборот на функцијата која ја извршувам. Сепак, би Ве упатил и Вие лично да извршите увид во законите, вели Мијалков.
НОВА се обрати и во кабинетот на министерот за странски инвестиции Веле Самак со намера да праша како тие гледаат на инвестицијата на висок функционер од рангот на Мијалков во странска држава во време кога Македонија се труди да се промовира пред светот како топ дестинација за странски инвестиции. Телефонски разговаравме со Андреа Тевдовски од кабинетот на министерот Самак кој не обесхрабри во намерата да добиеме одговор прогласувајќи го кабинетот на министерот за странски инвестиции за ненадлежен за такви прашања.
-Подобро би било да се обратите кај некој од вицепремиерите, не треба кај нас, рече Тевдовски.
ШТО ПОСЕДУВА МИЈАЛКОВ ВО ЧЕШКА
Освен неодамнешната потврда дека директорот во Фебруари годинава купил нова фирма во Чешка, Мијалков поседува уште една фирма, а пријавил и парични средства стекнати од друга Чешка фирма која е продадена. Или, севкупно, Мијалков имал три фирми во Чешката Република досега – две од нив се активни, една е продадена.
Шпекулациите за бизнисите и имотот на Сашо Мијалков во Чешката Република се од поодамна. Во 2011 за време на изборната кампања за предвремените парламентарни избори претседателот на „Обединети за Македонија“ Љубе Бошковски обвини дека директорот поседувал удели во фирма во Прага со назив „Сервис Поинт“ (продадената фирма), за која во имотниот лист не пријавил дека се стекнал со имот од продажба на уделите во истата. Антикоруписката комисија тогаш се изјасни дека се е во ред со имотниот лист на Мијалков. Премиерот Груевски во интервју за Канал5 телевизија тогаш објасни дека станува збор за многу стара фирма која директорот ја имал далеку пред да стане дел од владејачката гарнитура.
„Самата Антикорупциска се изјасни дека нема судир на интереси. Инаку, Сашо Мијалков ја отворил таа фирма далеку многу години пред да стапи на функцијата во власта“, рече премиерот пролетта 2011. (изјавата на премиерот можете да погледнете во видеото на 01:09 минута, архива А1 телевизија).
Ако дотогаш, или до обвинувањата на Бошковски продадените удели во Сервис Поинт ги немаше, подоцна тие уредно се најдоа во обновениот имотен лист на Мијалков. Во последниот допис до Антикорупциската комисија тој ја известува дека иако уделите биле пријавени во Фебруари 2011, тие сепак не биле ажурирани на веб страната од страна на комисијата.
Имотното прашање на директорот на УБК по обвинувањата на Бошковски долго време беше „под мраз„ во јавноста. Одвреме навреме во проталот „Буревесник“ во сопственост на Зоран Божиновски можеа да се прочитаат информации, како и да се погледнат документи околу имотот и бизнисите на првиот човек на УБК во срцето на поранешната советска република, Прага. Прашањето повторно се актуелизираше пред две недели кога потпреседателката на СДСМ и пратеник Радмила Шеќеринска во Собранието праша како се зголемил имотот на директорот на УБК за повеќе од 1,6 милиони евра за само 5 години. Ги спомна и неговите фирми.
Мијалков и одговори на Шеќеринска.
-Со истата теза и со истите клевети во јавноста пред три години излезе и Љубе Бошковски.
Тогаш, појаснив дека мојот удел од 50% во фирмата регистрирана 2003 година е продадена во Прага на двајцата други косопственици, во две одвоени трансакции по 25% кои вредеа по 500 000 евра, како што впрочем е наведено во анкетниот лист, се огласи директорот на УБК Сашо Мијалков преку соопштение на Министерствтото за внатрешни работи на Македонија.
Ако се пристапи кон пребарување на чешкиот регистер на компании или на пребарување на страницата на чешкото министерство за правда, многу лесно може да се добијат податоци за имотот на првиот разузнавач во Прага. Датумот од нотарскиот запис за новопријавената фирма на Мијалков е 26 фебруари 2013.
Доколку пребарате по неговото име се појавуваат двете фирми во негова сопственост во Чешка. Едната од нив, Ефишенси, е пријавена во имотниот лист, а другата е Миртланис, фирмата која пред десетина дена Мијалков ја пријави во својот анкетен лист со известување до Антикорупциската комисија. Иако купена во фебруари, тој тврдеше дека постапил според законот бидејќи фирмата ја купил за 7.800 евра, а измената не ја пријавил во рок од 30 дена бидејќи според законот немал таква обврска доколку вредноста не надминува над 20 просечни плати.