Како се случи еврокомесарот за проширување Јоханес Хан да се соочи со лавина критики, реакции и обвинувања, помешани со гнев и очај дека пропаста е се што ни преостанува а за тоа е виновен тој- човекот обвинет за корупција од страна на некои од медиумите?
Се започна со кревкиот и тенок договор во Пржино, каде четворицата лидери ставија потпис на Договорот, кој не го затвори најважното прашање- преодната Влада и нејзиниот прв човек. Пржино донесе само една вест- избори во април, која е дискутабилна, ако се проценува успешноста на преговорите. Затоа што, надминувањето на политичката криза не може да се реализира со избори, тоа би требало да биде последната точка на дневен ред, откако сите останати отворени и тешки прашања ќе бидат совладани и следствено, би воделе кон предвремени избори.
Во случајов, Парламентот е изземен како последната релевантна инстанца, каде конечниот збор за предвремени избори мора да го имаат пратениците, но да не се бавиме сега со детали и демократски правила- ова е земја во која институциите се само законски параван за злоупотребите на власта (и не само судејќи според бомбите на Заев), а Уставот и законите се третираат како тоалетна хартија ( “љубезноста” на Илија Димовски да го нарече на овој начин Договорот за Анкетната комисија за црниот понеделник ја продуцираше оваа кованица).
Во таков случај, не може да се очекува ништо друго, освен- набрзина стуткан договор на политичките лидери за избори, некои од нив гладни и носталгични за нив, разнежени, со блажена и итра насмевка се потсетуваат како се победува во неколку ситни чекори, без да се вложи никаков, ниту најмал демократски напор.
Оттука, Договорот во Пржино, беше првата критична точка за Хан: еврокомесарот за проширување оттогаш, почна да се соочува со дебатите за преговарачкиот капацитет и воопшто, неговиот потенцијал- да се справи со балканските лидери, кои традиционално, почитувајќи ја оставштината од предците, со едното око се фокусирани на потпис од некаков договор, а со другото, на џебот на противникот- дали ќе го извади тој прв пиштолот (фигуративно) или ќе се пука подоцна?
Но, секако дека ќе се пука господине Хан, последниот чин, како што милуваше Чехов, е резервиран за вакво катастрофално решение, но изведено со урнебесно весело расположение, пропратено со громогласно смеење што не сте запознаени со канибалистичките вештини на балканските политички ѕвезди низ вековите.
Вториот моментум (со експлодирачки капацитет) после што Хан беше критикуван и се ризикуваше целосен прекин на преговорите, беше неговата изјава за последните избори, кои тој ги дефинираше на следниов начин: “Минатите избори, како и многу други во земјата и во регионот беа набљудувани од ОБСЕ и генерално имаше позитивни извештаи со мали нерегуларности, но генерално беше позитивен извештајот, а овие избори беа во април минатата година.
Овој сериозен пропуст на Хан беше потенцијално разурнувачка каписла, (откако Заев одби да оди во Брисел, на нова рунда преговори) – која беше принуден експресно да ја ублажи со нов маневр, кој Заев го објасни: „ Одам во Брисел после телефонското јавување на Хан.
Сепак, се јави и се корегира во изјавите. Неговите изјави за оценките на ОБСЕ/ОДИХР беа неприфатливи. Неговите интерпретации на тие оценки беа несоодветни и јасно стави до знаење дека во Брисел ќе се разговара за преодна, или како што сега ја нарекуваат „транзициска“ влада. ”
Следниот ден следуваше средба на Хан, со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, каде се побара “надлежните институции во земјата целосно и итно да ги спроведат препораките на ОДИХР за изборниот процес.”
Третата мигренозна главоболка беше предизвикана од неговиот твит, веднаш по дебаклот на преговорите во Брисел: “Мошне сум разочаран од недостигот од одговорност и лидерство кај некои“. Toa “некои”, без да се апострофира кои се тие побогу, беше главниот динамит кој ги разнесе оние мали, преостанати очекувања за решение, но и за објективност на преговарачот, кој без суптилност во дипломатскиот речник, безмалку го впери прстот кон Заев, кој одбива да се согласи на Влада со Груевски, и според зборовите на опозицискиот лидер, воопшто се отфрла кој и да било актер кој очигледно е инкриминиран, особено според доказите во лентите од прислушувањето.
И што правиме со Хан во оваа ситуација? Дел од медиумите ја донесоа својата пресуда: Нема да се дебатира, да се оспоруваат дипломатските и преговарачки вештини, квалификации,на Хан, нема да му се поставуваат отворени, тешки прашања, со какви секој политичар мора да се соочи, нема да се дебатира со него, не. Пресудата гласи- Хан ќе биде осомничен, ако треба и обвинет за корупција!
Трагајќи низ мотивите за ваквите дипломатски преговарачки (не)вештини на Хан, некои од медиумите и новинарите ја одбраа улогата на џелат, на инквизитор: да го распнат Хан и без ниту еден најмал доказ, документ и факт, да го обвинат дека е потплатен, корумпиран политичар, што е очигледно, велат тие.
Погледнете ја само врската, додаваат: Хан бил дел од надзорниот одбор во моќната компанија Новоматик од 1997 до 2003 година, компанија која е во казино бизнисот, но и во технолошката гранка на производство на софтвер за казина. Оваа компанија во 2014 го купува казиното „Фламинго“, но не кое било казино, станува збор за македонското казино Фламинго. Некои од медиумите одат уште подалеку, тврдејќи (измислувајќи е соодветниот збор) дека Хан всушност бил сопственик (во сенка) на Новоматик, други пак говорат за поседување акции на Хан во ова казино и приказната не завршува само тука.
Следната фабрикација е дека Јоханес Хан е газда и на казината и кладилници Сенатор и Астра, можеби не газда, фантазираат други, туку акционер, но секако со мнозински акции поседува сериозен дел од капиталот. Приказната се заокружува со акционерство на дел од македонската власт во овие кладилници, што е практично за нив најголемиот доказ за бизнис-релациите на Хан со Груевски и Мијалков, кои прераснуваат и во политичка корупција од невидени размери.
Но, втората страна на приказната за Јоханес Хан нуди опција на факти, единствената опција всушност, која би требало да ја имаат предвид медиумите, доколку претендираат на минимална професионалност и етички кодекс: Пред 18 години, во 1997 , Хан станува член на Надзорниот одбор на Новоматик, за в0 2003 година да ја добие менаџерската фотелја. На оваа позиција е кратко и истата година носи одлука да и се посвети сериозно на политиката. Тој и претходно е извршен директор на Австриската народна партија, а ниту едно досие за него не поседува информација дека е сопственик, или акционер во Новоматик.
По напуштањето на Новоматик тој е член на австриската регионална влада, за потоа да ја добие министерската функција – за наука и истражување, (2007-2010) и истата година откако му завршува овој мандат е избран за еврокомесар за регионална политика, функција која ја врши до 2014. Фактите говорат и дека сопственик на Новоматик е милијардерот Јохан Граф. Фактите, исто така, говорат дека во Македонија Новоматик ја поседува „Астра“ и „Фламинго“, додека соспственик на „Сенатор“ е фирма од Кипар заедно поседувана со словенска државјанка. (НОВА ги провери официјалните регистри- труд на Сашка Цветковска). Што се однесува до казиното Фламинго, тоа е купено во 2014 за 20 милиони евра и најавуваат дополнителни инвестиции од 7 милиони евра. Фламинго е отворено во 2005 година со мешан странски капитал. Новоматик во Македонија не добива субвенции, ниту каква било државна помош.
Факт е дека Новоматик е присутен во сите балкански држави, имаат бизнис активности во 80 држави во светот, додека како акционери или делумни сопственици имаат индиректно бизниси во 50 држави. Во Европа во 16 држави имаат бизнис, вработуваат 23.000 луѓе низ целиот свет. Годишниот обрт според последните податоци на компанијата изнесува 3.8 милијарди евра. Покрај казината, Новоматик развива и технологија за казина, поседуваат 232 илјади казино апарати низ целиот свет во различни казина и електронски казина и практично се сметаат како европски лидери за електронски казино операции.
Конечно, факт е дека во Декларацијата за интерес, јавно објавена од Европската комисија, не постои запис за акционерство или сопствеништво на Јоханес Хан во фирмите кои се предмет на обвинувања во Македонија, по “спроведената истрага” на дел од новинарите, кои во ниту еден момент не се повикаа воопшто на релевантни и кредибилни докази за негова корумпираност. Имено, кога сме веќе кај аферите, името на Јоханес Хан станува особено познато во Австрија откако испливуваат обвинувањата за плагијаторство, врзани за неговата докторска теза, обвинувања во време кога тој е министер за наука и истражување. Овие обвинувања доаѓаат директно од медиумскиот истражувач и писател Штефан Вебер, кого медиумите го нарекуваат “ловец на плагијатори”, судејќи според многуте уловени глави кои и ги приложил на јавноста и на научниот свет.
Тоа е таа приказна за Јоханес Хан, кој предлабоко навлезе во балканскиот котел, каде со векови вријат политичките страсти, тензии и конфликти, испливуваат омразата и бесот, за на крај- мирот да подразбира нова точка на вриење. Во такви услови, само најдобрите, највештите и најквалификуваните играчи на светската дипломатска сцена успеваат да се справат со невозможното. Во периодот кој претстои, без сомнение, ќе биде доделен нов специјален претставник и преговарач, кој ќе мора да биде еден од најблескавите дипломатски умови- доколку се тргне од некаква позиција дека мора да се успее со Македонија.
Барем некако да се преживее следната деценија, до некој иден конфликт, до некоја нова криза, затоа што- ова е Балкан, и тешко е!