Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа
Вечерта на 15 Октомври државата беше во шок. Мапата на Македонија во сајтот на ДИК каде се покажуваат изборните резултати, која 12 години по ред беше црвена одеднаш стана сина со неколку мали исклучоци. Во повеќето општини СДСМ доби свои градоначалници уште во првиот изборен круг. Ова ги надмина сите можни и најоптимистички очекувања. Изненадени беа дури и самите победници и не им се веруваше дека ова е долго очекуваниот ден. Шокирани беа милитантите на ВМРО-ДПМНЕ кои мислеа дека нивната партија ќе остане засекогаш најважен политички фактор во земјата и дека нивниот Фирер ќе биде вечен, а се соочија со рано заклучување на партиските штабови. Шокирани беа и феудалците како Sинго и Бајрам кои веќе нема да бидат сопственици на своите феуди, кои ја изгласаа својата слобода. И аналитичарите беа шокирани. На крај разбраа дека анкетите и мислењата основани на бројот на гласовите добиени на претходните избори не се соодветно мерило. Ништо веќе не е исто. Ништо веќе не може до крај да се предвиди во Македонија. Гласачите научија да изненадуваат и сега никој веќе не е сигурен во својата вечност.
Само едно е сигурно. Режимот на Груевски официјално е срушен.
Граѓаните го кажаа своето, ама не така како што очекуваше тој. Сосема спротивно а не многу различно од тоа пред кое тој се обидуваше да замижи. Со месеци му укажувавме дека волјата на 700.000 граѓани е различна од 450.000 гласови негови добиени на последните избори, ама не разбираше. Требаше да доживее ваков дебакл за да разбере дека одамна го беше изгубил контактот со реалноста, така како што тоа одамна го имаше констатирано неговиот поранешен министер за финансии.
И не му помогна ништо да ја постигне својата цел да биде вечен. Не му помогна ни нектарот наречен федерализација ниту пак амброзијата наречена изгубен национален идентитет. Ни заплашувањето со бегалски кампови не му помогна. Не му помогна ни менувањето на реториката и рекламите на албански јазик. Не му помогна ни перењето на својата личност преку некои медиуми во Косово кои му служеа за замена за домашните медиуми на албански јазик кои одбиваа да му ја пренесат пропагандата. Не му помогна ниту мултиетничкиот список на кандидати за советници на Град Скопје во кој имаше имиња што звучат албански, турски, ромски па дури и арапски.
Ништо не му помага на човек на кого му е дојден политичкиот крај и мора да одговара за своите злодела.
Оставка или не, на сите им е јасно: Груевски е дел од политичката историја на земјата кој треба добро да се проучи од наредните генерации политичари за да не ги повторат неговите грешки. Меѓутоа, сега е редот тој да биде дел и од правната историја на земјата, заедно со сите негови соработници, извршители, помагачи и апологети кои еден по еден треба да се изнесат пред лицето на правдата. И не само тие, туку секој кој се огрешил пред законот а за кого во СЈО има докази дека сторил кривично дело.
Заедно со Груевски заминаа и оправдувањата на новата власт, на судовите и на СЈО дека се спречени да воспостават правда. Еве ќе има и нови измени на Законот за заштита на сведоците. Сега правдата има слободни раце. Нема веќе оправдувања сега таа мора да профункционира, чекор по чекор, случај по случај, пресуда по пресуда. Сите да одговараат за стореното. И парите да ги вратат.
Синото, знаеме е боја на мирот. А мирот знаеме, без правда не го бива.
Синото допрва ќе има тешка работа, нејзиниот успех ќе биде добредојден и наградуван, а евентуалниот неуспех или неспремност да се воведе правдата до крај веќе нема да може да се оправда преку Црвеното. Допрва ќе може и во Македонија да се очекува поинаков одговор од досега добиениот по прашањата:
1)Колку случаи на висока корупција добиле целосна судска разрешница? и,
2)Колку од тие случаи инволвираат луѓе од партиите на власт или блиски до нив?
Викаат апсолутната власт корумпира. Не корумпира ако се врши законски и легитимно и ако истата не замижува пред проблемите било од каде да доаѓаат тие. Апсолутната власт дава апсолутна моќ да се справите со криминалот. Тоа што веќе имавме беше апсолутно криминализирана власт. Таа беше црвена. Таква не сакаме повеќе. На сите ни се смачи без разлика на бојата.
А сега редно е да се види дали синото ќе биде исто така и боја на правдата.

