Во Газа, израелската војска ја продолжува својата офанзива, а изминатата недела во САД, премиерот Бенјамин Нетанјаху бараше поголема поддршка за нападот на Израел врз палестинската енклава.
Сепак, оваа навидум заедничка цел не ја одразува реалноста на терен, анализираат медиумите. Растечкиот јаз меѓу генералите на израелската армија и Владата според аналитичарите е сè поголем кога станува збор за војната во Газа.
Балканскиот сервис на „Ал Џезира“ на темава пишува дека разликите повремено излегуваат на виделина. Тие неодамна биле изразени во процесот на регрутирање израелски ултраортодоксни студенти за потребите на армијата. Генералите, но и многу други секуларни Израелци сакаат тие да бидат подготвени како другите Евреи, но ултраортодоксните партии кои се противат на регрутирањето во овој момент може да се каже дека се по витални дури и од кабинетот на Нетанјаху.
Сепак, можеби поголема последица за Газа се разликите околу водењето на војната и верувањата како треба да се заврши војната.
Во јуни, портпаролот на израелската армија Даниел Хагари истакна дека кој мисли дека можеме да го елиминира Хамас, греши. Проблемот е што еден од тие луѓе што го мисли спротивното е самиот и Нетанјаху, кој јасно стави до знаење дека уништувањето на Хамас е еден од условите за ставање крај на војната во која досега загинаа речиси 40.000 Палестинци.
Тој став е всушност и дел од поширокото несогласување меѓу некои влијателни Израелци. Дури и министерот за одбрана на Нетанјаху, Јоав Галант, се запраша дали има планови за ставање крај на војната, која започна во октомври.
Но, од друга страна Нетанјаху беше критичен кон војската, остро напаѓајќи ги плановите што армијата ги објави во јуни, за дневни „тактички паузи во борбите“ за да се олесни испораката на помош. Еден израелски функционер тогаш изјави дека Нетанјаху јасно и ставил до знаење на армијата дека тоа е „неприфатливо“.
Разликите меѓу војската и десничарскиот политички естаблишмент на Израел не се нови, забележуваат медиумите. Напротив, тие особено се присутни во овој момент поради присуството на екстремната десница во Владата на премиерот.
Во последните 20 години, екстремно десничарските доселенички движења од маргините на израелската политика се префрлија во првите редови на израелскиот политички и институционален живот.
Поранешните поддржувачи на еврејските движења кои беа забранети како „терористички“ групи сега седат на високи министерски позиции, без никаков обид да се откажат од својата поранешна припадност.
Покрај енергичната и често агресивна база, претставниците на екстремната десница доминираат во многу израелски институции, вклучително и полицијата, но и образовниот систем, а нивното влијание врз војската на Израел станува сè поочигледно. Линк
Д.С.