Агонијата на бранителите на Мариупол, како и на цивилите кои се наоѓаат во подземните тунелите на гигантската челичарница Азовстал, влезе во завршна фаза. Иако се гладни, жедни и без лекови, тие упорно одбиваат да се предадат на руските трупи. Бројни борци на баталјонот Азов, сепак, се сè уште живи, а веројатно е жив и нивнкиот командант, 31-годишниот потполковник Денис Прокопенко. Многу Украинци кои подобро го познаваат, се уверени дека тој никогаш нема да се предаде на Русите.
„Прокопенко, како што некои пишуваат, прилично отстапува од екстремистички десничарски стереотип од кој пропагандистите на Путин наголемо стравуваа и од него и од многу борци на Азов. Неонацистичкиот елемент што некогаш доминираше во баталјонот, но стана мал, дојде како добредојде за Путин за изговор за наводна денацификација на земјата. Единицата, меѓутоа, значително се дистанцира од таквиот идеолошки талог кој надојде по 2014 година“, пишува „Слободна Далмација“.
Водачот на Азов, Денис Прокопенко е факултетски образуван. Дипломирал германска филологија и англиски јазик на Националниот универзитет во Киев. Пред револуцијата на Мајдан и руската анексија на Крим во 2014 година, кога се придружи на украинските вооружени сили, беше познат како водач на навивачите на Динамо Киев.
Прокопенко е Финец, од Карелија, покраина која Советите на Сталин ја окупираа пред 80-тина години, за време на Зимската војна. Неговиот дедо беше единствен член на фамилијата која ја преживеа руско-финска војна и окупација во тоа време, служејќи на финските оружени сили во периодот од 1939 година до 1940 година, нанесувајќи им големи загуби на Советите.
Дедото е негов личен и семеен пример. Својата сегашна борба за одбрана на Украина и на Мариупол од Путин ја смета за длабоко интимна мисија и своевидно продолжение на славниот отпор на неговите предци.
Прокопенко веќе пет години е на чело на баталјонот Азов. Претходно со години се бореше на Мајдан и во Донбас. Кога Путин во февруари ја почна масовната инвазија на Украина, Прокопенко и неговите другари одлучно решија да го бранат градот на брегот на Азовското Море по кој нивната единица го доби името и кој претходно го избраа за седиште на штабот.
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров пред еден месец од Кремљ објави награда од пола милион долари за секој кој ја донесе главата или друг доказ за убиство на командант Прокопенко.
Челичарницата Азовстал стана жариште на жестоки борби за контрола над Мариупол на што предупредуваше украинската војска. Комплексот е една од клучните оперативни бази за преостанатите украински борци кои останаа во опколениот град. Точниот број на војници што моментно учествуваат во одбрана на Азовстал е нејасен поради отсуство на релевантни информации.
Русија тврди дека под Азовстал постои „подземен град“, а поедини објекти во комплекс се проектирани да можат да издржат нуклеарен напад.