Во Македонскиот народен театар (МНТ) денеска напладне ќе се одржи отворена комеморација во чест на Ристо Стефановски (1928-2022), долгогодишен театарски работник, театролог и театарски историчар.
Стефановски е роден во 1928 година во Скопје. По завршувањето на театарската школа, студирал и организација на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 1951 до 1960 година бил актер во Народниот театар во Скопје. Одиграл 14 улоги – од Поцко во „Чорбаџи Теодос“ (1945 година), преку Зија во „Гоце“ (1951 година), Тренко во „Македонска крвава свадба“ (1953 година), Офицер во „Отело“ (1954 година), Френсис Нерс во „Вештерките од Салем“ (1955 година), Петров во „Оклопниот воз 14-69“ (1957 година) до Иван Петрович Восмибратов во „Шума“ (1959 година).
„Стефановски во аналите на Македонскиот народен театар ќе остане засекогаш не само како актер, но и како човек кој го раководеше театарот во неговиот значаен период од 1983 до 1988 година. Беше и директор во Драмски театар – Скопје во период од 26 години. Дел од историјата на МНТ и воопшто на македонскиот театар е запишана од Стефановски во книгите кои се однесуваат на театарот и кои сведочат за годините наназат“, наведуваат од МНТ.