Откажана е посетата на косовскиот заменик министер за правда Блерим Салаху, која ги подигна тензиите во јавноста со непроверената информација дека за време на истата би ги посетил затворениците од Диво насеље, меѓу кои има и косовски државјани.
Посетата е откажана на неопределено време, велат извори за НоваТВ од Министерството за правда.
Од друга страна, Марјан Спасовски од Управата за извршување санкции за НоваТВ изјави:
– Ниту некој до Управата поднесол барање за посета на затворениците од Диво насеље, ниту пак управата издала некому дозвола за посета на оваа група затвореници. А, без доставено барање и издадено одобрение од Управата за извршување санкции, посета на било кој затвореник во било кој затвор едноставно е невозможно да се реализира, дополнително па за овој формат осуденици за тероризам, ни изјави Спасовски.
Салаху на телевизиски настап во Приштина се пофалил дека ќе ги посетел косовските државјани кои во Македонија издржуваат доживотна казна затвор за тероризмот извршен пред 6 години во Кумановската населба, Диво насеље, и дека целта на посетата била да се запознаел со условите во кои ја издржуваат казната и дали се почитуваат нивните права.
Откако се прочу ваквата информација во земјава, синоќа Салаху го известил македонскиот хомолог , заменик министерот за правда Нухиу дека ја откажува „посетата“.
(М.Т.)