Франција е посветена на европската перспектива на Северна Македонија, напиша македонскиот премиер Димитар Ковачевски на Фејсбук по телефонскиот разговор што го имал попладнево со францускиот претседател, Емануел Макрон.
„Нема време за губење и секое натамошно одложување на преговорите може да донесе регионални и безбедносни предизвици. Разговаравме и за нашите одлични билатерални односи и традиционалното пријателство меѓу двете земји, но и за интензивирањето на економската соработка која во изминатата година доби ново поглавје со влегувањето на Француската агенција за развој во Северна Македонија“, додаде Ковачевски во постот.
Премиерот Ковачевски ја искористил приликата да му честита на Макрон за победата на претседателските избори и му посакал успешен втор мандат како шеф на државата.