Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе учествува на состанокот на шефови на влади на НАТО земјите од Југоисточна Европа што ќе се одржи во Софија.
„Состанокот е на покана на бугарскиот премиер Кирил Петков, а покрај македонскиот премиер, ќе присуствуваат и премиерите на Романија и на Црна Гора, Николае Чука, односно Здравко Кривокапиќ“, соопшти службата за информирање на бугарската Влада.
На состанокот ќе се дискутира за влијанието на војната во Украина врз регионот, а шефовите на владите ќе разменат мислења и за последиците од конфликтот во сферите на безбедноста, на енергетиката и на економијата на краток, долг и среден рок.
Акцент ќе биде ставен и на зајакнување на координацијата и соработката во Југоисточна Европа за справување со заедничките предизвици.