Кремљ потврди дека пратеникот на Владимир Путин за контакти со меѓународните организации, Анатолиј Чубајс поднесе оставка.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков одби да одговори дали Чубајс ја напуштил земјата, велејќи дека тоа е негова приватна работа, пренесува „Асошиејтед прес“.
„Блумберг“ претходно објави дека Чубајс, архитектот на приватизацијата во Русија во 90-тите години од минатиот век, поднел оставка и ја напуштил земјата за што како причина наведе противење со војната на Путин во Украина.
Рускиот весник „Комерсант“ објави дека 66-годишниот Чубајс се наоѓа во Истанбул.
Чубајс извршуваше бројни високи функции во Русија во изминатите три децении, меѓу кои и прв потпретседател на владата во текот на 90-тите години и шеф на Кабинетот на тогашниот руски претседател, Борис Елцин.