Кристијан Трајковски, директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, засега е единствен официјален кандидат во трка за нов лидер на Новата социјалдемократска партија (НСДП), откако Тито Петковски неодамна на Централниот одбор најави дека се повлекува од претседателската функција на партијата.
Неофицијално како кандидат за лидер на НСДП се споменува и името на собранискиот потпретседател, Горан Мисовски, но тој сè уште не поднел своја кандидатура за изборот кој ќе се случи за помалку од еден месец, на 4 јуни.
Тито Петковски, кој 17 години ја предводеше НСДП, неодамна зборувајќи за мотивите за неговото повлекување изјави дека на партијата и треба нова енергија и луѓе што ќе може да комуницираат со многу повеќе мотив за претставување на НСДП. На конгресот во јуни се очекува, освен претседател на партијата, да се избираат и нови членови на Централниот и на Надзорниот одбор, како и тројца потпретседатели и секретари.
С.М.