Ако тргнете кон Водно и ако кај Панорама наместо лево завртите десно на крајот на улицата ќе ве дочека неасфалтиран пат. Токму на ова место практично започнува патеката за искачување на Водно, дивите планинарски патеки. Ќе видите шума и дива природа над оваа, во последно време густо и хаотично урбанизираната скопска населба.
Но, промената на Генералниот урбанистички план која што во 2012 година ја носи Советот на Град Скопје и одредува нова судбина на малата скопска планина. Судбината се запечатува на контроверзната седница на Советот на општината Центар кога се носи и Деталниот урбанистички план подготвен од претходната власт, а со која што промена многу локации, вклучително и оваа, од шуми и зеленила преоѓаат во градежни парцели.
Но, ова не се било кои парцели. Ова е земја од повеќе од 11.000 метри квадратни за која што лидерот на опозицијата обвини дека е во сопственост на премиерот Никола Груевски, а во прилог на реченото објави телефонски разговори помеѓу премиерот и министерот за транспорт и врски Миле Јанакеиски во кои што тие заговараат промени на урбанистичките планови за овие локации, а премиерот во разговорите споменува и земја која што „ја зел за џабарлук“.
НОВА истражуваше како и во чии раце завршила атрактивната земја во најелитната македонска населба. Сопственоста води до земјата – даночно прибежиште Белизе во Централна Америка, а НОВА пренесува и ексклузивни фотографии од компанијата во Белизе каде што се наоѓаат тајните сопственици на многу македонски компании поврзани со моќни лица во власта и бизнисот.
Кумот на премиерот платил шума, а добил градежна парцела
Фирмата која што во Катастарот е заведена како сопственик на земјиштето е „Сирах Инженеринг“, формирана во 2012 година во Скопје со седиште во приватен стан во скопската населба Кисела Вода. Фирмата е основана со паричен влог од 1,2 милиони евра. Сопственик, пак, на „Сирах Инженеринг“ е „Сирах Лимитед“, компанија регистрирана во Белизе Сити на адреса на адвокатска куќа, додека управител е Ристо Новачевски, кум од првиот брак на премиерот Никола Груевски.
Според документите кои НОВА ги доби по поднесеното официјално барање до Катастарот, „Сирах Инженеринг“ го купила земјиштето уште додека тоа било зелен појас односно шума, а не градежна парцела. Историјата на сопственост покажува дека ја поседувале неколку физички лица уште од 1963 година. Од тогаш па се до 2012 година сопствениците се менуваат неколку пати, но не со купопродажни договори, туку со наследство. Пред земјата да замине во рацете на офшор компанијата, последниот наследник е впишан во Катастарот на 30 Декември 2012 година.
Во 2014 година Катастарот ја запишува „Сирах Инженеринг“ како сопственик на парцелата број 1926/4, но службите објаснуваат дека оваа промена е направена врз база на купопродажен договор од 2012 година. Со оглед на фактот дека последниот сопственик добил имотен лист два дена пред истекот на 2012, договорот со „Сирах Инжинеринг“ останува да се случил на последниот ден од годината или само 26 дена откако Градот Скопје го носи новиот ГУП 2012-2022 за чија изработка се потрошени 2,4 милиони евра.
Црвените објекти се новите објекти предвидени со измените во урбанистичкиот план на двете парцели на „Сирах Инженеринг“,Илустрација на магазин „360степени“
Сепак, за шумите да можат да се претворат во градежни парцели покрај ГУП-от потребно е да се измени и Деталниот урбанистички план на општина Центар (ДУП). ГУП-от се менува три месеци пред локалните избори, кога и се случува купувањето на земјата, но нема време да се заврши и процедурата со промена во ДУП-от во Центар. Од разговорите кои опозицијата ги пушти има и разговор во кој премиерот изразува загриженост дали ќе се стигне навреме и со измените во ДУП-от, мислејќи на локалните избори на кои што „виси“ власта на ВМРО ДПМНЕ во општина Центар.
Промените во планот кој предвидува населба се нацртани кон крајот на мандатот на поранешниот градоначалник Владимир Тодоровиќ, но, по победата на Андреј Жерновски во Центар планот не стига до гласање.
И покрај промената на политичките сили во локалната самоуправа во Центар, во 2014 се носи Деталниот урбанистички план на една од најкотроверзните седници досега. Тогаш е направена последната и најдраматична промена на ДУП-от за Центар веднаш по аспењето и по ослободувањето на претседателот на Советот на општината Мирослав Шиповиќ. Опозициските советници на општина Центар ја напуштија седницата и останатите членови го изгласаа деталниот урбанистички план.
Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски тврдеше дека Законот го обврзува да ги потпишува сите одлуки на Советот и дека тој бил немоќен да го спречи носењето на Деталниот урбанистички план. Тој целата постапка ја обжали на Уставниот суд бидејќи тврдеше дека урбанистички планови се носат единствено со мнозинство гласови од сите советници, а не само од присутните советници. Уставниот суд досега не се произнесе за иницијативата.
Истата 2014 кога ДУП-от стапува на сила, 11.000 метри квадратни со градежна земја со предвидени станбени објекти конечно и официјално се впишуваат во Катастарот на име на фирмата „Сирах Инженеринг“.
НОВА се обиде да стапи во контакт со поранешните сопственици со намера да дознае за колку пари е продадена земјата и дали знаеле кој е заинтересираниот муштерија, но и да разбере дали тие знаеле дека земјата која што ја продаваат како шума наскоро ќе стане градежна парцела којашто денеска би можела да достигне и цена од најмалку 5 милиони евра. Обидите засега се безуспешни бидејќи извори на НОВА објаснуваат дека процедурата околу продажбата ја водела консултантска куќа, а не самите сопственици.
Скапи плацеви, а празни имотни листови
НОВА направи безброј обиди да стапи во контакт со Ристо Новачевски, формално директор на „Сирах Инженеринг“, но безуспешно. Електронските пораки испратени на емаил адресата на фирмата засега се без одговор. Новачевски е кум од првиот брак на премиерот Никола Груевски, а доброупатени извори за НОВА велат дека тие се во блиски пријателски односи. Според документите до кои дојде НОВА, Новачевски е вработен во компанијата „Гринфарм“ која се бави со продажба на лекови и медицинска опрема. Претходно, тој долго време работи во „Кемо-Фарм“, а во 2007 година опозицијата во парламентот обвини дека оваа компанија добивала тендери за медицинска опрема поради блиските и кумски врски на Новачевски со Груевски. Во оваа компанија Новачевски е до 2014 година.
Исто така, тој е и член на Управниот одбор на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост, а на позицијата е предложен од Владата. Како член, според извештаите на претпријатието, Новачевски земја годишен паушал од 76.000 денари.
Иако има законска обврска да поднесе анкетен лист со имотна состојба во Државната комисија за спречување корупција, тој тоа го нема сторено. НОВА веќе неколку недели се обидува да стапи во контакт со комисијата за да го прашаме зошто Новачевски не поднесува имотен лист, но и дали комисијата планира да ги истражи обвинувањата на опозицијата дека земјата на Водно е на премиерот. Портпаролката на комисијата не одговара ниту на повици, ниту на СМС или Е-маил пораки.
Премиерот Никола Груевски, пак, се огласи во јавноста тврдејќи дека тој нема никаква земја, а се што поседува е во неговиот имотен лист. Сепак, тој не одговори за која земја разговара во аудио снимките, ниту пак, дали знае дека неговиот кум е директор на компанија сместена во Белизе и дека преку таа компанија е купена атрактивна парцела на Водно.
Премиерот Груевски нема пријавено никакви недвижнини во својот анкетен лист. На функцијата претседател на Владата стапува со имот од 43.000 евра, а медиумите го опишуваат како најсиромашниот човек во Владата. Во моментов Груевски пријавил парични средства од околу 190.000 евра и уметнички слики во вредност од речиси 10.000 евра
Земја, пари и бизниси сокриени во Белизе
Последниве неколку години во Скопје основани се неколку компании чиишто непознатни сопственици се лоцирани во средноамериканската земја Белизе, којашто во светот е позната како офшор-дестинација, држава со ниски даноци и место каде што може комплетно да се сокрие сопствеништвото на одредена фирма.
Токму затоа никој во Македонија не знае кои се вистинските сопственици на овие компании. НОВА подолго време ги истражува овие компании кои имаат успешни бизниси во Македонија често врзани со многу владини тендери и директно или индиректно можат да се поврзат со некои од најмоќните политички и бизнис фигури во државата. Она што сите ги поврзува е локациајта – сите се регистриани на иста адреса во Белизе сити (1 ½ „Мајлс нортен хајвеј) и преку иста адвокатска канцеларија.
Ова е фотографија од канцeлaријата во Белизе сити каде што е регистрирана компанијата со која што управува кумот на премиерот Никола Груевски и останатите компании за кои што НОВА подготови ексклузивна репортажа којашто ќе ја објавиме утре. Во следните недели следуваат серија истражувачки стории за сите матни инвестиции кои доаѓаат од офшор државите, а коишто во изминатите неколку години со помош на центрите на моќ се стекнаа со најатрактивните бизниси и имоти во државата.
(УТРЕ ЌЕ ЧИТАТЕ) „Кој и зошто на Белизе: Ако сте бизнисмен и не сакате да платите данок во земјата во која што живеете, ако сте криминалец и сакате да ги исперете парите од шверц на дрога, оружје или бело робје, или, ако сте политичар и сакате да го сокриете вашиот имот од јавноста, или, едноставно, како човек сакате да сокриете пари и од вашата сопруга, тогаш офшор државите тоа го нудат на супер едноставен начин“, извадок од утрешната сторија:
Серијалот истражувања е поддржан од НЕД во рамки на проектот „Промовирање на истражувачкото новинарство во сферата на јавните трошења“