Ливерпул е прв финалист во фудбалската Лига на шампиони по вечерашната гостинска победа над Вилјареал со 3:2 во реванш полуфиналниот двомеч во најсилното европско клупско натпреварување.
Шпанскиот претставник со головите на Булае Диа во третата минута и на Франсис Кокелан во 41-та минута успеа да ја анулира негативата од првиот меч на „Енфилд роуд“. Меѓутоа, тимот на Јирген Клоп во продолжението направи целосен пресврт за само 12 минути, со погодоците на Фабињо во 62-та минута, на Луис Диас во 67-та минута и на Садио Мане во 74-та минута.
Противник на „црвените“ ќе биде подобриот од двомечот меѓу Реал Мадрид и Манчестер сити. Реваншот меѓу двете екипи е утревечер на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, премиерлигашот има предност од еден гол (4:3) од првиот натпревар на „Етихад“.
Финалето во Лигата на шампионите е закажано на 28 мај во Париз.