Повеќе од 130.000 луѓе беа принудени да се евакуираат поради пожарот, додека ветровите дополнително придонесуваат за негово ширење, а најлошо било во една од најбогатите населби во САД, Пацифик Палисадес.
Актерот Били Кристал и неговата сопруга Џенис изјавиле дека ја изгубиле куќата во таа населба.
Зборовите не можат да го опишат обемот на уништувањето. Чувствуваме тага за нашите пријатели и соседи кои исто така ги загубија своите домови и бизниси во оваа трагедија. Џенис и јас живееме во таа куќа од 1979 година. Ги одгледавме нашите деца и внуци таму. Секој дел на нашиот дом беше исполнет со љубов, рече тој.
Во пожарот домот го загуби и американската актерка и милијардерка Парис Хилтон.
Скршена сум од тага. Седам со моето семејство, гледам вести и го гледам нашиот дом во Малибу како гори до темел на телевизија – нешто што никој не треба да го доживее, напиша Хилтон додека ги споделуваше извештаите на локалните медиуми за пожарот.
Синот на актерската двојка Том Хенкс и Рита Вилсон, Чет Хенкс, на Инстаграм напиша дека населбата во која пораснал гори до темел.
Актерката Менди Мур се справува со пожарот во Итон, каде на 52.000 луѓе им е наредено да се евакуираат.
Нејзиниот дом се наоѓа во населбата Алтадина, а актерката им се заблагодарила на пријателите кои на нејзиното семејство му обезбедиле сместување за време на евакуацијата.