Зоран Иванов
По уште еден катастрофален Извештај во авторство на овдешни и странски ЕУ набљудувачи ангажирани за аналитички согледувања на, за нас, евентуалниот напредок кон ЕУ стандардите, за напредок натаму, за придвижување на Република Северна Македонија, за напредок во демократските и економските стандарди, излегува дека актуелната власт стокмена во тотал во рацете на една политичка структура, е сосема без атом кондиција за ЕУ маратонот.
И, евидентоно, излегува дека ЕУ денеска пак дискретно не’ отфикари.
И покажа дека ако за ништо друго туку за својата совест, ќе си типува на две други држави од регионов.
Си манифестирше искреност и потврда за ветувањата за ЕУ проширувањето со земји и од ова каливо парче од Балканот.
Македонија во тоа ја нема. Пак ја нема.
Македонија северна, под принуда ама и по сопствен избор, и натаму си останува настрана од ЕУ.
Пак самата си одбра да си турка гордо како што, впрочем, и вети, да си фаќа џенем во својата сопствена само изолација.
Самата таа, таа „нашата“, таа самата, ќе си направела ЕУ овде.
Самата. Самата. Ние самите.
Епилогот на сета оваа политичка внатрешно македонска авантура, на крајот, кога и да е тој, ќе биде џабето од толкавата граѓанската изборна доверба за ДПМНЕ и за нејзиниот лидер.
Ова посебно сега по овие локални по кои Тој, како и да се заврти, дефинитивно е лидер.
Времен како и секој досега, па сепак, за ова, време, засега лидер во ова актуелно време. Неприкосновен во изборната поддршка во државата во која, по сите линии, речиси се’ нему и речиси се’ и на сите нам, му е, и ни е, тапа до тапа.
Тапа со корупција, дисциплина во која водиме на континентов, тапа со два посто по право и правда, тапа по стандард најдолен во регионот, за пошироко ич збор и не станува, тапа во екномијата скроз зависна увозно, тапа во образованието, децата, според сите меѓународни анкети, по знаење ни се на европското дно, тапа во дигитализацијата, тапа во администрацијата, тапа на шенгенската, и т.н. и т.н. се` тапа до тапа.
Па, ало Влада, ало Водно, ЕУ или …
Или, по скопски, и натаму – Тапа Џонсон.
Тапа Џонсон ама Гордо!
ПС. За појасно за помладите: “Тапа Џонсон” е скопски сленг жаргон од средината на минатиот век во „функција” да дефинира тапост, глупост, недоветност, нереалност, лажност, …, накусо пораката би била: Не му верувај, дечкото е Тапа Џонсон!

