Автори: Сашка Цветковска и Борис Георгиевски
Во првиот дел од истражувањето кое открива кои се македонските граѓани кои поседуваат компании во оф шор државата Панама” НОВА ги ојбави имињата на Марјан Стојменов, синот на пратеникот и поранешен сопственик на Канал 5 Телевизија Борис Стојменов, сопругата на Марјан Мимоза Киковска Стојменова која е државен советник во мининистерството за правда и актуелниот сопственик на телевизијата Вања Гавриловски. Но, нивната компанија Санлајн Трејдинг не е единствената панамска фирма чии сопственици се македонски државјани.
Вмешаните во аферата Македонија Табак работеле со оф шор фирми
Компанијата „Алтамира“ е една од ретките која ја предводат македонски граѓани, а во која сопственичката структура во изминатите десетина години неколкупати се менувала. Фирмата е формирана во ноември 2001 година, а единствена константа во неа е Милорад Китановски, поранешен директор на „Македонија табак“. Партнери на Китановски во Алтамира најпрво му биле Стевчо Коцевски и Винко Ивачиќ, во тоа време исто така директори во Македонија Табак. Во фирмата во тој период се јавуваат уште двајца содружници, Горан Симиќ и Светлана Атанасовска. (Светлана Атанасовска се појавува како основач на уште една фирма во Панама- Салвиџ Ентерпрајзис (Salvage Enterprises S.A.) заедно со Трајко Атанасовски и со Тони Петроски)
основачки акт на Алтамира со потписи
основачки акт на Салвиџ Ентерпрајс
Во август 2003 година се менува сопственичката структура на „Алтамира“. Тоа е периодот кога против претходните сопственици-партнери Коцевски и Ивачиќ во Македонија е подигнато обвинение поради малверзациите во „Македонија Табак“. Коцевски во тој период се наоѓа во притвор, а Ивачиќ бега од Македонија.
промена во сопственичка структура на Алтамира Ноември 2001
промена во сопственичка структура на Алтамира Јули 2003
последна промена во сопственичка структура на Алтамира Ноември 2003
Оттогаш во регистарот фигурираат Милорад Китановски, Снежана Китановска и Јасмина Стојковска. Китановски е сопственик на компанијата Европрогрес трејд со седиште во Скопје, а Стојковска е нејзин директор. Оваа компанија се занимава со продажба и дистрибуција на цигари и е застапник на брендовите Ротманс, Карелиа и Булгартабак. На интернет-страницата на Европрогрес може да се прочита дека има компании и во Кипар, Бугарија, Србија, Црна Гора и Албанија.
Најмногу контроверзи во македонската јавност досега се вртеа околу Стевчо Коцевски и Винко Ивачиќ. Коцевски, кој е во роднински врски со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, беше предводник на малверзациите во „Македонија Табак“ поради што беше и осуден на затворска казна од 4 години во 2006. година. Ивачиќ, пак, побегна од Македонија, откако му беше одредена мерка притвор и оттогаш е недостапен за македонските истражни органи. Ивачиќ е уапсен во Русија на 18 јуни 2008 година, по потерница на македонските истражни органи, но оттогаш повеќе нема никаква информација за него.
Неговото име се појавува и во регистарот на фирми регистрирани во Хрватска, каде се води како сопственик на компанијата „МакТабако“, која се занимава со увоз, извоз и дистрибуција на алкохол и цигари.
стари написи на Утрински весник за аферата Македонија Табак
За криминалот вреден десетици милиони долари во Македонија Табак долго пишуваа македонските медиуми, а Меѓународната кризна група во извештајот за Македонија од 2002 година ги означува оваа компанија, како и тогашниот директор Стевчо Коцевски, како средишна точка на криминалните активности на власта и на државно спонзорираниот шверц со цигари.
Во Панама своја фирма имаат регистрирано и тројцата раководители на АД Адинг, македонска компанија која произведува хемиски материјали за градежништво. Зоран Петровски, Благој Дончев и Петре Филипоски се сопственици на офшор компанијата „Оникс Мидл Ист Груп“ (ONYX MIDDLE EAST GROUP, S.A.). Дончев е претседател на управниот одбор и генерален директор на Адинг, додека Петровски и Филипоски се заменици генерални директори.
основачки акт на Оникс со потписи
АД Адинг беше единствената компанија од која НОВА доби коментар за фирмите. Иако сакавме да разговараме со директорите лично, сепак, компанијата не препрати кај нивниот адвокат Весна Гогова.
-Јас не можам да зборувам за тоа што прават директорите во приватниот живот и каде се отвораат фирми. Можам единствено да проверам дали Адинг има некакви трансакции со оваа фирма, рече Гогова, а ние се уште чекаме да ни одговори дали ја завршила проверката.
Во Централниот регистар на фирми во Панама има податоци за уште една фирма чии сопственици се македонски државјани. Тоа е фирмата БББ Груп. Како нејзини сопственици фигурираат Блажески Богоја, Блажеска Весна и Танасковска Оливија. Тие се сопственици на компаниите Еуротехника и СИПО во Македонија кои произведуваат сигурносни појаси.
Бизнисите им се во Скопје, живеалиштата во Атина
Од пет фирми на македонски државјани регистрирани во Панама, четири се застапувани од иста правна фирма: Чен, Естрада и Вонг.
Со исклучок на фирмата „Санлајт“ чии сопственици пријавиле адреса на живеење во Скопје, газдите на сите останати пријавиле адреса во Атина, Грција. Куриозитет е тоа што сопствениците на три фирми- Алтамира, Салвиџ Ентерпрајзис и Оникс Мидл Ист имаат пријавено иста адреса, во главниот град на соседна Грција, Атина- улицата Секери број 5.
документ со доставените адреси на сопствениците на Оникс
документ со доставените адреси на сопствениците на Алтамира
Според податоците на Народната банка на РМ, од 2003 до 2012 година од Панама во Македонија влегле вкупно 3,27 милиони евра, а во обратен правец се одлеале 4,58 милиони евра. Нема податоци дали и кои фирми на македонски граѓани во Панама биле активни и имале удел во оваа размена.
Минатата пролет Светскиот конзорциум за истражувачко новинарство ја отвори дата базата на сопственици на компании во офшор земјите. Мега проектот се уште трае и полнењето на базата оди споро, но, гувернерот Димитар Богов тогаш ја коментираше базата и изјави дека е незаконски македонските државјани да поседуваат фирми и сметки во странство.
-Иако македонските граѓани и фирми согласно законот за девизно работење немаат право да имаат банкарски сметки во странство, вклучително и на британските Девствени острови, сепак можно е да има прекршители на законот“, изјави Богов.
Експертите, пак, велат дека чесните бизнисмени ретко се одлучуваат да тргуваат и работат во оф шор дестинациите.
-Сите тие инвестиции кои доаѓаат од такви земји во основа треба да фрлат сомнеж на чистотата на парите кои доаѓаат од таквите земји, треба да покренат проверки за легалноста на парите. Бидејќи оној кој е чист и работи легално не отвора фирми во оф шор дестинации. Таму се отвораат фирми за да се избегнат даноците или за да се сокриајт парите од трогвија со бело робје, оружје итн и потоа тие пари се легализираат во земји со слаби институции како Македонија, вели универзитетскиот професор Владимир Пивоваров.
Од НБМР ветија дека утре ќе испратат одговор на нашите прашања во врска со сопствениците на оф шор фирми кои НОВА ги објави.