Францускиот играч за врска, Пол Погба ќе го напушти Манчестер јунајтед на крајот на јуни, кога му истекува актуелниот договор, објави денеска англискиот прволигаш.
Ова значи дека Погба по вторпат во кариерата си заминува од „Олд Трафорд“. Французинот за првпат пристигна во „црвениот“ дел на Манчестер во 2009 година, на 16-годишна возраст, и се приклучи на фудбалската академија на Јунајтед од редовите на Ле Авр. Една сезона мина во сениорскиот тим, но со скромна минутажа, што го поттикна да ја смени средината и во 2012 година да направи трансфер во Јувентус.
Во 2016 година, Погба се врати во Манчестер јунајтед, но овој пат како голема ѕвезда за која клубот од „Олд Трафорд“ плати 105 милиони евра што во тоа време беше рекордно обесштетување. Сепак, Погба повторно не се снајде во старата средина, а негов најголем проблем беше променливата форма.
Засега не е познато кој ќе биде неговиот нов клуб, но во последните месеци најмногу се шпекулираше со негово враќање во Јувентус.