Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) ја обвини кандидатката за претседател на Франција, Мари ле Пен и нејзини блиски за проневера на околу 600.000 евра европски пари за време на нивниот мандат како европратеници, јави дописникот на МИА од Париз.
Обвинението е објавено вчера и веќе е предадено во Обвинителството од каде потврдија дека го добиле извештајот од 11 март и во моментот е предмет на анализа.
„Изненаден сум од тајминг на откритието и неговата инструментализација“, реагираше Родолф Боселу, адвокатот на Ле Пен, за време на кампањата за вториот круг од претседателските избори.
Боселу, исто така, вели дека е „запрепастен од начинот на кој дејствува ОЛАФ“ и за некои „стари факти од повеќе од десет години“.
„Мари ле Пен не е повикана од ниту еден француски судски орган“, рече тој, изразувајќи жалење што ниту на него, ниту на неговиот клиент им бил доставен конечниот извештај. Според него, истрагата на ОЛАФ е отворена во 2016 година, а Ле Пен била испрашувана по пошта во март лани.
Новиот извештај на ОЛАФ, од кој „Медијапар“ објавува извадоци, се однесува на финансиските средства што политичките групи можат да ги користат во контекст на нивниот мандат како европратеници и кои Марин Ле Пен и оние блиски до неа би ги користеле за национални политички цели, за лични трошоци или за услуги во корист на комерцијалните компании блиски до Националниот собир и екстремно десничарската парламентарна група Европа на нациите и слободните (ЕНЛ).
ОЛАФ ја осомничи Ле Пен и уште тројца поранешни европратеници – нејзиниот татко Жан-Мари ле Пен, нејзиниот поранешен придружник Луис Алио и Бруно Голниш, член на националното биро на РН и ЕНЛ.
Канцеларијата ги обвинува дека проневериле околу 600.000 евра за кои им препорачува враќање. Според извештајот, кандидатката на Националниот собир лично проневерила околу 137.000 евра народни пари од парламентот во Стразбур, додека била европратеничка во периодот од 2004 до 2017 година.
Од јуни во 2017 година, Мари Ле Пен е обвинета и во истрагата спроведена во Париз поради сомнение за фиктивни работни места во Европскиот парламент на партиски асистенти. Таа е обвинета за „проневера на јавни средства“ и „соизвршителство“ во ова дело како дел од оваа судска истрага.