Согласно нашите анализи, 45 проценти во државата веќе е усогласено во делот на законодавството и доколку се продолжи со таа динамика, темпото ќе биде побрзо од Србија и Црна Гора кои преговараат веќе десет години, посочи денеска вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Тој потврди дека вчера и официјално започна процесот на скрининг и тоа во рамки на состанокот кој се одржа во Брисел заедно со делегацијата на Република Албанија, при што биле објаснети чекорите кои следуваат, што е она што треба ние да се подготвиме и бил споделен календар за нашите наредни активности.
Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека на средината на септември почнува скринингот и по кластери и по поглавја.
„Во прва фаза ќе одиме со дополнување на оној објаснувачки скрининг, каде што Европската комисија нам ќе нѝ претстави што е тоа што треба да усогласиме до членството, а потоа и билатералниот кога ќе се вклучат земјите членки со свои наоди, со свои гледишта, и врз основа на тоа, тоа ќе трае едно 14-16 месеци, и во тој период ние ќе треба да ги изработиме и оние клучни документи“, додаде Маричиќ.