Загрижува фактот што два проценти од деца на возраст од 11, 12, 13 години користат марихуана, а нивниот број континуирано расте. Податоците покажуваат дека пет проценти од малолетниците на возраст од 15 и 16 години пробале марихуана
Во Македонија марихуаната е најчесто користена дрога. Мажите користат повеќе психоактивни супстанци, а жените повеќе употребуваат седативи. Дрога најчесто земаат лица на возраст од 17 до 27 години, со исклучок на кокаинот кој го користат лица над 30 години. Новите психоактивни супстанци се застапени кај еден процент од популацијата.
Истражувањата покажале дека 8, 9 проценти од населението на возраст од 15 до 64 години употребуваат некој вид на дрога, а 8, 2 проценти користат марихуана. Дури 16, 1 посто од младите на возраст од 15 до 34 години кажале дека користат некој тип на дрога, а 15 проценти употребуваат марихуана. Ова се податоци добиени годинава, а ги обелодени Институтот за јавно здравје. Досега недостасуваа податоци за преваленцата на употреба на психоактивни супстанци од страна на возрасните лица на национално ниво.
Загрижува фактот што два проценти од деца на возраст од 11, 12, 13 години користат марихуана, а нивниот број континуирано расте. Податоците покажуваат дека пет проценти од малолетниците на возраст од 15 и 16 години пробале марихуана.
Истражувањето е направено со стручна и финансиска помош на на Европскиот мониторинг центар за дроги и зависности од дроги со седиште во Лисабон. Од Институтот велат дека испитувањето е со 95 проценти сигурност и е направено на репрезентативни примероци кај 3786 возрасни преставници и 1798 млади луѓе.
„Влијанието на психоактивните супстанци врз здравјето на луѓето е одамна докажано и документирано. Превенцијата, третманот, рековалесценцијата и социјалната реинтеграција се мерки и програми кои имаат голема улога во справување со проблемот на употреба на дроги и редукција на негативното влијание врз општеството. Како дополнување на медицинските аспекти на проблемот кои се резултат на директното влијание на психоактивните супстанци врз здравјето, други форми на штетности претставуваат ризик фактор, не само за лицата кои користат психоактивни супстанци, туку и за луѓето со кои тие доаѓаат во контакт. Во оваа смисла само да ги напоменеме последиците кои доаѓаат од предозираност, траума, самоубиство, ментални нарушувања и болести, инвалидитет и онеспособеност и прерана смрт“, велат во Институтот за јавно здравје.
Во регионот Хрватска е на врвот по користење на марихуана со 19, 4 проценти, во Словенија 15, 8 посто од населението користи марихуана, во Бугарија 7, 5 проценти, а во Германија дури 27,2 проценти од населението користи марихуана.
Земјите на Југо-Источна Европа се коридор за пренос на дроги, особено хероин , кон земјите на Западна и Централна Европа, т.н. “ Балканска рута “. Македонија лежи токму на патот на оваа рута, така што дел од илегалните дроги остануваат и се дистрибуираат и во нашата земја, велат во Инситутот за јавно здравје.
Неколку истражувања за употребата на дроги, тутун и алкохол од страна на учениците, децата од 11-16 години, се спроведени во Република Македонија во изминатиот период.

