Пишува Нано Ружин
Во својот Политички тестамент, Кардиналот Ришеље запишал: …Преговарајте и само преговарајте…било да сте император, крал, дипломат..преговарајте без престанок, тајно или јавно, на сите можни места, бидејки тоа е за доброто на вашата држава“. Триста години подоцна амблематичниот дипломат Хенри Кисинџер авторитетно констатира дека во својата класична димензија „душата на дипломатијата се состои во приближувањето на дивергентните ставови преку дипломатското преговарање“. Дипломатијата е алатка на надворешната политика иако често погрешно дипломатијата и надворешната политика се изедначуваат како идентични дејности. Надворешната политика е стратегијата на државата додека дипломатијата е методат за реализација на оваа стратегија.
Во триесетгодишната историја на независноста, македонската дипломатија и политика во неколку наврати беа активни учесници во преговарањата. „Кога ќе ги отфрлиме митовите, ќе констатираме дека сите општества на еден или друг начин се потпираат врз феноменот на преговарањето”, констатирале филозофите од времето на Русо и Џон Лок но и оние од современата епоха како американскиот политиколог Салем Страус или французинот Рејмон Арон.
Впрочем при конституирањето на независноста на Р.Македонија, референдумот за независноста претставуваше вид општествен договор меѓу граѓаните за кого сонуваа бројни македонски дејци во заокружувањето на државноста. И овој процес беше условен од преговорите со тогашната политичка елита на албанците. Во деведесетите при повлекувањето на ЈНА од територијата на тогашна Република Македонија, мудриот претседател Киро Глигоров благодарение на успешните преговори со српските генерали, успеа да ја спаси државата од трагичните југословенски воени сценарија. Подоцна се наметна прашањето за меѓународното признавање на државата кое го блокира Грција. Овој пат преговорите се одвиваа со посредство на меѓународни олеснувачи пред се на САД но и најповеќе неформални дипломати, политички авторитети, интелектулаци. По потпишувањето на Привремената спогодба (1995) од страна на „двете страни“ договорот го завери Сајрус Венс, Специјален Пратеник на Генералниот Секретар на Обединетите Нации. Остана „двете страни“ да се договорат околу „заемно прифатливото уставно име“ на Република Македонија која меѓународната заедница ја проблематизира како ФИРОМ. Овој императив кој на прв поглед изгледаше дека ќе се реши „ со текот на времето, сам по себе“ , на крајот се сведе на приказната на Мао, за старецот Ју Гонг кој решил да ја премести големата планина која го загрозувала неговиот земјоделскиот род.
Преместувањето на големите планини, Македонија ја чинеше многу енергија, петнаесет изгубени години во евро-атанските интеграции, кочење на економскиот раст, доцнење во развојот на софистицирани технологии, инфраструктури, на политичката култура, на владеење на правото, развојот на корупцијата, нискиот животен стандард…
Политичката елита во 2008 не поседуваше ниту државнички капацитет ниту успеа да ја искористи поволната клима од страна на Вашингтон за склучување на договор со Грција. На 6 јануари 2008 пред одржувањето на Самитот на НАТО во Букурешт, премиерот Караманлис во разговор со американскиот амбасадор во Атина, Даниел Спекхард ја прифатил двојната формула „Горна, Долна или Вардарска Македонија“ за меѓународна употреба и „уставното име на Република Македонија“ за внатрешна употреба. Владата на ВМРО-ДПМНЕ го одбила таквиот предлог што резултираше со блокадата на РМ на Самитот на НАТО во Букурешт 2008. По пресудата од Хаг и проектот „Скопје 2014“, билатералните односи меѓу Скопје и Атина беа целосно замрзнати.
Едновремено администрацијата на Трамп престана да покажува интерес за „спорот со името“ а во овој период меѓу Македонија и Грција не бил регистриран ниту една дипломатска средба на повисоко ниво. Требаше да се сочека 2018 за постепеното воспоствување на поволна клима создадена од страна на премиерите Ципрас и Заев. Со Спогодбата од Преспа беше најдено компромисното решение „Северна Македонија“, според латинските значење на „urbs и orbis“, или „erga omnes“ што наиде на незадоволство од двете страни. Позитивните ефекти на соседите беа евидентни.Грчката страна престана да стравува од македонскиот иредентизам и ги одблокира евро-атанските перспективи на нашата држава, додека македонската дипломатија се избори во сложеното име да фигурира именката „Македонија“, да се потврди постоењето на „македонскиот јазик“ и тн. Интересно е да се напомене дека сите актери на Преспанскиот договор ги загубија политичките позиции. Заев и Ципрас повеќе не се премиери додека Димитров и Коѕиас не се МНР. Веројатно компромисите и луцидноста во дипломатијата не се толку поетски прифатливи во очите на електоратот и опозицијата, што се потврдува и во преговорите со Бугарија. Популизмот и опозицијата се против секој компромис иако е јасно дека без компромис нема позитивен епилог.
Спорот со Бугарија од аспектот на дипломатските преговори е од сосема поинаква природа иако не е мал бројот на аналитичариоте кои ги изедначуваат двата преговорувачки процеси. Пред се за разлика од Грција, Бугарија е млада членка на ЕУ, без некоја поголема репутација за европските вредности во очите на ЕУ, како што тоа беше случај со Грција. Односите меѓу Бугарија и С.Македонија се одликуваат во поголема блискост на културите, традициите, јазикот, историјата. Половина век комунистички режими ги граделе сопствените политички арматури иако по Резолуцијата на ИБ од 1948 еволуираа во идеолошки непријатели. Бугарската страна согласно старите геополитички советски модели, преку негирањето на македонската нација настојуваше да го одржи резервниот изговор за евентуалниот конфликт. По паѓањето на комунизмот, границите се отворија а Македонците и Бугарите почнаа интензивно да соработуваат во тешките социјални услови врз остатоците на комунистичкото рунирано стопанство. Бугарија се здоби со членство во ЕУ и со извесен монопол на влијание врз настаните на регионот. Владата на Борисов инвестираше многу енергија во подршката на Заев за реализирање на Преспанскиот договор и истата позитивна енергија се очекуваше да се реинкарнира и меѓу Скопје и Софија. Меѓутоа плановите на ЕУ не кореспондираа со амбициите на балканските аспиранти. Најнапред германското индирекно вето еуфемистички настојуваше да докаже дека датумот за отпочнување на преговорите не бил ставен на дневниот ред на Бундестагот, а потоа претседателот Макрон ја разви новата француско-европска методологија за проширувањето и го доодложи почетокот на преговорите. Дали тоа беше знакот за реваншот на Софија кон Скопје за сите фрустрации што ги доживееле Бугарите за време на комунистичкиот режим на Тодор Живков? Снежната топка на бугарските ревандикации од историска, културна, политичка природа се претворија во лавина и го освои јавното мислење на нашиот источен сосед. Беа искажани бројни навреди врз македонскиот народ и идентитет од страна на високите функционери на Бугарија што не наиде на реципрочен одговор од Македонија. Содржините на спорот се претворија во изборни платформи, но без поголем ефект врз одлуките на бугарскиот електорат. Двата новодојдени премиери Петков и Ковачевски пред се ќе треба да се соочуваат со негативните последици во јавното мислење на двете држави и да се обидат да ги ресетираат. Пријателската клима меѓу лидерите е веќе воспоставена, сега е неопходно да се убеди и јавното мислење.
Овој вид операција поминува преку иницјативите и соработката на граѓанскиот сектор, универзитетите, интелектулците, медиумите и секако преку јавната дипломатија и неопходниот soft power инструментариум. За разлика од праксата на отсуство на зачестени средби и дијалог за триестегодишната војна за името, бугарските и македонските политичари се во постојан контакт и дијалог и тоа на највисоко ниво. Стратегијата на преговарање „чекор по чекор“ е позитивен елемент но честопати е соочен со временската рамка. Во нашиот случај, бугарскиот премиер истакна дека таа рамка изнесува шест месеци.
Меѓутоа некогаш времето освен како рамка може да се употреби и како инструмент во преговорите. Перцепциите, верувањата и претпоставките ги исполнуваат содржините на сите дипломатски преговори исто како и заемно прифатливата солуција на преговорите. Токму на овој план се појавуваат одредени недоразбирања помеѓу политичките актери воглавно од страна на опозицијата која обвинуваше дека се водат тајни преговори со Бугарија за идентитетот. МНР Османи решитело ги демантираше обвинувањата изедначувајки ги со своевдина хистерија.
„Кога сме кај чувствителните прашања, сакам да повторам – никој не преговара за идентитетот! Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, држава.. За овие прашање ниту сме преговарале, ниту имаме право да преговараме..“. За секоја држава е пожелно да бидат информирани најрелевантните домашни субјекти за одвивање на преговорите. Дипломатското преговарање може да биде јавно и тајно поради ненрушувањето и политизацијата на преговорите. Кај нас нивото на политичката култура е такво што пред се не постои традиција на заемно информирање на опозицијата и власта за одвивање на преговорите. Згора евидентна е тенденцијата за манипулирање, дифузија на лажни вести, јазик на омраза сé до граѓанска непослушност. Големите незадоволства на јавното мислење најчесто произлегуваат од прашањето на реципроцитетот.
Многу домашни експерти забораваат дека не живееме во епоха на романтичниот идеализам на Вудро Вилсон и Дуросел, туку на реалистичниот свет на Хантингтон, Фукујама и Бжежински, каде и дипломатскиот реципроцитет не се почитува кога се во прашање нерамноправни меѓунатродни субјекти..Во тој свет Бугарија е членка на ЕУ, поседува подолга државна историска традиција, позначајни геополитички позиции, излез на море, побројно население, поразвиено стопанство. Северна Македонија, како независна држава постои триесет години, не е членка на ЕУ, помина низ турбулентни конфликти, се смета за една од најсиромашните држави во Европа и нема излез на море. Во таквиот контекст разбирлива е фаворитската политика од позиција на сила на бугарската дипломатија. Сепак премиерот Петков кој покажа позитивна енергија е свесен дека бугарските ревендикации се претерани и можат да ги стигматизираат односите со С. Македонија. Неговата цел е пред се да ја врати бугарската политичка елита во разумните рамки на достоинството без да ја повреди нивната суета. Можеби е потребно да се тргне од амбицијата за достигање повисоки сублиматни вредности во заемната доверба. Премиерот Ковачевски, од трибината на Американскиот универзитет во Европа-ФОН, со право ја истакна иницијативата на преговарачкиот процес да се води инклузивно од надолу кон горе, односно проектите за унапредување на соработката и на пријателството помеѓу народите на двете земји да дојдат од тие кои се директно засегнати за нив и кои ќе бидат директно задолжени за нивно спроведување.
Времето ке ја покаже валидноста на таквата стратегија. Но што ќе се случи доколку до јуни не се изнајдат решенија? Искусните дипломати вообичаено би побарале дипломатските преговори меѓу Скопје и Софија да се збогатат со учество на медијатори. Таквиот потег би ги оддолжил преговорите и би ја потврдил неспособноста на балканските народи самите да изнајдат решенија на нивните билатерални спорови.
Авторот е универзитетски Професор