Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „ТВ Алфа“ најави дека в четврток ќе ги покани политичките партии за лидерска средба, која би се одржала во период од седум до десет дена, пред неговото учество на Светскиот економски форум во Давос. Како што посочи, на средбата би се разговарало за постигнување политички консензус околу реформските закони, како и за можноста за укинување на техничката влада.
Мицкоски изјави дека очекува сите лидери на парламентарните коалиции да ја прифатат поканата, нагласувајќи дека дневниот ред не е конечен и дека може да биде дополнет со предлози од другите учесници. Според него, за клучните државни прашања неопходно е заедничко разбирање и договор меѓу политичките фактори.
Премиерот тврди дека законските решенија поврзани со реформската агенда и европската интеграција веќе имаат позитивни оценки од Венецијанската комисија и од институциите на Европската унија, што, како што рече, создава основа за сериозен и конструктивен дијалог. Тој повика на политичка зрелост и отворен разговор за прашањата околу кои, според него, нема суштински спротивставени ставови.
Осврнувајќи се на техничката влада, Мицкоски потсети дека и во СДСМ пред изборите јавно изразиле став дека ваквиот модел повеќе не е неопходен. Тој рече дека актуелната влада покажува поголема инклузивност во пристапот, што е важно во период на сериозни политички и институционални реформи, дел од кои бараат поширок политички договор.
Премиерот изјави дека какви било измени во политичкиот систем, вклучително и укинувањето на техничката влада, не треба да се прават без јасен консензус бидејќи такви одлуки мора да бидат резултат на заедничка волја и одговорност.




