Тбилиси: Поранешниот фудбалер Михаил Кавелашвили денеска е избран за нов претседател на Грузија. Кавелашвили лесно ги доби гласовите бидејќи владејачката партија Грузиски сон го контролира 300-члениот изборен колеџ што ги замени директните претседателски избори во 2017 година.
Кавелашвили беше напаѓач на Манчестер Сити и неколку клубови од швајцарската Суперлига. Тој беше избран за пратеник во парламентот во 2016 година на листата на Грузискиот сон, а во 2022 година беше ко-основач на политичкото движење „Моќта на народот“, кое е во сојуз со Грузискиот сон и стана познато по силната антизападна реторика.
Грузиски сон ја задржа контролата врз парламентот по изборите на 26 октомври за кои опозицијата тврди дека биле наместени со помош на Москва. Грузиската претседателка во заминување Саломе Зурабишвили и главните прозападни партии оттогаш го бојкотираа парламентот и побараа повторување на гласањето.
Грузиски сон вети дека ќе продолжи да се залага за членство во ЕУ, но исто така сака да ги „ресетира“ врските со Русија.