Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков годинава купил уште една фирма во Чешка. За оваа промена во имотниот лист Мијалков вчера попладнето ја известил Државната комисија за спречување корупција со барање да ги ажурира податоците во неговиот анкетен лист, за чии промени последен пат известил во 2011 година.
Мијалков објаснува дека пред седум месеци станал единствен сопственик на фирмата Миртланис во Прага, Чешка.
„Основачкиот удел е од 7.800 евра или 480.000 денари, а истиот го стекнав по основ на стекнување со договор за купопродажба. Оваа измена не ја пријавив во рок од 30 дена, бидејќи законската обврска налага само износи над 20 просечни плати да се пријавуваат во предвидениот рок, а сумата е под предвидениот минимум“, пишува Мијалков до Антикорупциска комисија.
Во дописот на Мијалков стои и објаснување дека е направена ненамерна грешка околу вредноста на накитот кој го има пријавено во имотниот лист.
„Од извршениот увид утврдив дека при корекцијата од евра во денари сум направил технички пропуст и ненамерно сум додал една нула повеќе во колоната – вредност во денари. Износот во денари би требало да гласи: Семеен накит (рачни часовници и друго) 3.000.000 денари и уметнички слики – 1.800 000 денари“, пишува во известувањето на Мијалков.
Информацијата за известувањето се појави попладнево во одредени медиуми заедно со препис од дописот на директорот до Антикорупциската.
НОВА, пак, пред три дена, односно во понеделникот, испрати прашање до Државната изборна комисија за спречување корупција, како и до службата за односи со јавност при Министерството за внатрешни работи и од нив побара да одговорат зошто директорот на УБК во својот имотен лист ја нема пријавено новостекнатата фирма Миртланис во Прага, Чешка Република. Информации за новата фирма на Мијалков беа и претходно објавувани на порталот Буревесник.
НОВА до двете институции во прилог ги достави и документите за сопственост, како и нотарските записи од купопродажниот договор за фирмата во Чешка.
До денес, НОВА не доби одговор на прашањата, туку за објаснувањата и промените во имотниот лист на функционерот се информираше преку медиумите.
Портпаролката на ДКСК Антонија Андонова вети дека ќе одговори до крајот на работното време. И покрај потсетувањата на е-маил и на смс (Андонова не креваше слушалка) одговорот не го добивме.
Портпаролот на МВР Иво Котевски во понеделникот по испратениот маил не информираше дека директорот е на службен пат од кој се враќа во вторник попладне и дека сигурно ќе ни одговорат.
Ако се пристапи кон пребарување на чешкиот регистер на компании или на страницата на чешкото министерство за правда, многу лесно може да се добијат податоци за имотот на првиот разузнавач во Прага. Датумот од нотарскиот запис за новопријавената фирма на Мијалков е 26 Фебруари 2013 каде стои и купопродажниот договор.
Прашањето за имотот на првиот човек на УБК повторно се актуелизираше минатата недела, кога потпреседателката на СДСМ и пратеник Радмила Шеќеринска во Собранието праша како се зголемил имотот на директорот на УБК за повеќе од 1,6 милиони евра за само 5 години
Мијалков и одговори на Шеќеринска
-Со истата теза и со истите клевети во јавноста пред три години излезе и Љубе Бошковски. Тогаш појаснив дека мојот удел од 50% во фирмата регистрирана 2003 година е продадена во Прага на двајцата други косопственици, во две одвоени трансакции по 25% кои вредеа по 500 000 евра, како што впрочем е наведено во анкетниот лист, се огласи директорот на УБК Сашо Мијалков преку соопштение на Министерството за внатрешни работи на Македонија.