Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков ја смени адресата на живеење. Според новата, тој е жител на Охрид, потврдуваат за Канал 5 од скопскиот Кривичен суд. За промената биле известени од адвокатот на Мијалков, а таа се случува пред судот да му врачи документ со кој требаше да се јави во затвор, по спогодбата што ја постигна со Обвинителството за три години затвор за случајот „Империја“.
Судот ја проверил информацијата од адвокатот и во Министерството за внатрешни работи.
„По добиеното известување од МВР на ден 19.07.2022 година, предметот со комплет списите на истиот ќе биде отстапен во надлежност на Основен суд Охрид, како местно надлежен суд за постапување по конкретниот предмет“, соопштуваат од Основен кривичен суд Скопје.
До охридскиот суд, пак, сè уште патуваат документите од Скопје. Потоа, судот во Охрид ќе треба да му даде упатен акт на Мијалков за затворот во Струга каде се упатуваат осуденици до три години затвор. Тој затвор е од отворен вид и таму може само да се преноќува.
Со Мијалков, во ист ден за „Империја“, се спогоди и бизнисменот Тодор Мирчевски на три години затвор. Скопскиот Кривичен суд за него, пак, издаде упатен акт, според кој на 12 август тој ќе треба да се јави во скопскиот истражен затвор во Шутка.
И Мијалков и Мирчевски имаат законска можност да го одложат извршувањето на казните, но засега нема најави за тоа. Тие месецов се спогодија за случајот „Империја“, а Мијалков покрај затворската казна прифати и конфискација тешка речиси 36 милиони евра. Му беа конфискувани и 5,4 милиони евра, бидејќи не можеа да се конфискуваат фирмите каде што тој има удел, меѓу кои и во фирмата газда на хотелот „Мериот“.