Пратеникот Антонио Милошоски, кој денеска дојде во Собранието за да присуствува на пленарна седница на која на дневен ред се два предлога за испраќање македонски војници во мировни операции во Босна и Херцеговина и во Јужноафриканската република, како и предлог закон за перење пари и финасирање тероризам, објасни дека блокадата што ја најави ВМРО-ДПМНЕ ќе се одвива со присуство на пратениците од опозициската партија во Собранието, но дека во текот на пленарната седница ќе се спротистават на сите предлози на владејачкото мнозинство кои не се во интерес на македонските граѓани.
„Активната блокада во Собранието почнува денес, како реакција на лошите политики на владината коалиција кои државата ја доведоа на раб на економска и национална катастрофа. Владата наместо да биде решение, станува дел од проблемите на граѓаните, кои во голем процент сметаат дека државата се движи во погрешна насока. Затоа во ваква ситуација предвремените избори би биле најдобрата опција преку која граѓаните би го имале конечниот збор за излезот од оваа тешка криза“, изјави пратеникот Милошоски за НоваТВ.
Пратничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што објавивме претходно, ќе дојдат и за време на собраниската расправа за буџетот Блокадата е поттикната од барањето на партијата за лидерска средба за предвремени парламентарни избори, која не беше прифатена од премиерот Димитар Ковачевски. Според него станува збор за неодговорна постапка на најголемата опозициска партија која има политички цели и не е во интерес на граѓаните и на компаниите.
С.М.