Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ме изненади со писмо. Замислете испрати одговор на мојата колумна. Иако не беше запрашан ништо, сепак испрати одговор. И тоа одговор на колумна, новинарски жанр преку кој можам да го искажам мојот став, моето мислење, да дадам остврт за случувања во областа на здравството кое со години го следам како новинарка. Овој начин на изразување ми дава за право некогаш да бидам иронична, да пишувам сатирично, некогаш да бидам и субјективна, но никогаш не се случило да изнесам неточни податоци. И, да навистина ме изненади овој одговор бидејќи со години испраќам прашања до него и до Министерството за здравство и на 90 проценти од нив не добивам одговор. Значи, министерот ги чита моите колумни. Еве го неговиот одговор што почувствувал за потребно да го прати. Со мала напомена на почеток, текстот кој што го спомнува министерот не е вест, колумна е. Има разлика!
„Во врска со објавената вест со наслов „Село гори, баба се чешла“, која претставува тенденциозен обид за нарушување на угледот на Министерот за здравство, без истото да се поткрепи со било каков релевантен аргумент, како Министер за здравство сакам одлучно да потврдам дека било какви неосновани напади и празни критики нема да ме поколебаат да продолжам како и досега да работам исклучиво за доброто на пациентите и нема да дозволам да победи политиката на оние кои наместо реформи и инвестиции сакаат деструкција, уништување и континуирана криза и нестабилност.
Конкретно прилепската болница која се споменува во веста, во моментот комплетно се реновира и за оваа крупна инвестиција Министерството вложува 70 милиони денари. Граѓаните се сведоци каква била болницата претходно, кој колку вложувал во неа и кој колку се грижел за здравствената заштита. За првпат по 35 години комплетно и темелно се реновираат сите одделенија во болницата.
Во изградба и реконструкции на јавни здравствени установи во тек се инвестиции од 42 милиони евра. Изградивме капитални градби за македонското здравство,комплетно нов објект за Детската болница Козле, најсовремен објект за ПЕТ-центарот, нов објект за Клиниката за гинекологија и акушерство, голем број реконструирани болници и здравствени установи низ целата држава. Во тек е изградбата на комплетно нова Клиничка болница во Штип, болница која се гради според врвните светски стандарди во оваа област и сериозно ќе го подигне нивото на квалитет на здравствените услуги во Источна и Југоисточна Македонија. Во тек е и реконструкцијата на Клиничката болница во Битола, реконструкцијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“, итн.
Во делот на хигиената која ја споменувате, воведовме нова практика на засилен инспекциски надзор од страна на инспекторите на универзитетските клиники и болниците во Скопје за унапредување на сегментот хигиена, за да се утврди дали се почитуваат протоколите и стандардите за хигиена во јавните здравствени установи. Анкетите за задоволство на пациентите во изминатата 2015 година покажаа пораст на задоволството во сегментот хигиена, особено кај клиниките, каде процентот на задоволни пациенти е пораснат од 59,4 отсто на 62,5 отсто, додека кај здравствените домови има највисок процент задоволни пациенти од хигиената во болниците 73,7 отсто. Само од 2014 година до денес во нова опрема се инвестирани 15 милиони евра. За првпат отворивме Државна кардиохирургија, Детска кардиохирургија, за првпат воведовме поливалентни вакцини.
Зарем овие инвестиции не се достојни за промовирање во јавност? Па, токму нивното промовирање во јавноста овозможува граѓаните да слушнат какви се можностите во македонското здравство, каде можат да се обратат доколку имаат потреба од ваква здравствена услуга и се најдобар одговор на деструктивната политика на креирање на кризи наместо проекти и дела.
Здравството е ресор кој директно го засегнува секој еден граѓанин во државата.
Залудно се обидувате да ги минимизирате инвестициите и реформите од кои директен бенефит имаат граѓаните.
Ќе продолжам како и досега со мојот тим и со несмалено темпо да работам на набавка на нова најсовремена медицинска опрема, реконструкција на болници, намалување на цените на лековите, едукација на лекарите во најдобрите болници во Европа и САД и уште многу други проекти кои се во тек на реализација. Впрочем, тоа се конкретните инвестиции кои остануваат за овие и идните генерации.
Некој вложува во критикување на сè што е инвестирано и унапредено, а ние вложуваме и работиме за да оставиме подобар и понапреден здравствен систем за сите сегашни и идни генерации.
На крај, дозволете да Ви се заблагодарам што ми дадовте можност да набројам само дел од проектите кои се сработени во изминатиот период. Воедно сакам да Ве замолам, да ги споредите само овие мал број на проекти кои се имплементирани во мандатот на оваа здравствена администрација со периодот на здравствената администрација на моите политички противници. Тоа ќе биде најдобар одговор на Вашите критики, но и на мотивот“, се вели во образложението на министерот Тодоров.
Министре, благодарам и јас што ги читате моите колумни! Но,за сите инвестиции кои ги најавувате, а градите со пари на граѓаните, без разлика дали е од кредит кој треба да го исплаќаме или од буџетски средства јавноста беше навреме информирана. Но, деталите, тоа е она што не смееме да го истражуваме и да ги кажуваме, тоа е она што Вас ве боли. Зошто да не смееме да дадеме осврт на работите? Каква е таа политика, кога од новинар се очекува да пишува само како што Вие сакате?
За да не одземам простор бидејќи Ви го отстапив на Вас, во следна прилика ќе кажам за спомнатите инвестиции иако досега, многу работи кажав. За се има објаснување, само човек малку да ги разбира работите. А, јас сум малку повеќе од Вас во овој ресор, индиректно ама го следам. И уште нешто. Не напаѓајте никого, не верувам дека некој што си ја сака оваа држава има намера да прави деструкција, уништување и континуирана криза и нестабилност, како што велите Вие. И да, чудно е што поранешните министри ги нарекувате ваши политички противници. Уште почудно, што ниту еднаш не споделивте искуство со некој од нив. Тоа е една од суштинските работи што има силно влијае на пропаста на здравството сите овие години, која доследно ја следите и Вие. Да се минира работата на секој претходен министер и да се тргне по друг колосек! А, пациентите како патници ги преместувате од вагон во вагон!
Не знам зошто реагирате за прилепската болница кога јасно кажав дека ја реновирате со пари од Министерството за здравство. Вие требаше само да одговорите со кои пари, тие што ги заштедивте од инсулините или од цитостатиците?
А, кога сме кај процентите за пораст на задоволството на пациентите од хигиената во болниците, тука не важи Вашата статистика. Реалната ситуација покажува нешто друго, а задоволството се мери на лице место, не преку телефонски анкети.
И да не должам, избрзана е Вашата теза, дека во мојата колумна има тенденциозен обид за нарушување на угледот на министерот за здравство, неосновани напади и празни критики. Тоа е само колумна поткрепена со податоци и факти.
И продолжете да ги читате моите колумни. Научете да слушнете и друго мислење, зашто критиките, како што ги нарекувате Вие, некогаш може да бидат и добар патоказ за да не залутате во вашата забрзана агенда од Програмата со која не окупирате 24 часа, седум дена во неделата.