Мала свесност, безгрижност и неинформираност меѓу тинејџерите за користењето на кондоми, сексуалната зрелост и одговорност. Ова се заклучоците од анкетата што ја спроведе Дурекс, производителот на кондоми меѓу младата популација.
Дурекс го спроведе истражувањето со цел да добие појасна слика за сексуалната свесност кај младата тинејџерска популација пред влегување во возраст со активна сексуалност.
Резултатите од анкетата покажаа дека 62% од вкупниот број на испитаници одговориле потврдно на прашањето дали користат кондом при сексуалниот чин. Сепак дадените одговори упатуваат на очигледна безгрижност и голем процент на неинформираност.
Исто така анкетата покажа дека тинејџерите информациите за употребата на презервативи ја добиваат од интернет 54%, информации прекажани од кругот на пријатели 27%, 17% се информирале од другите медиуми, а 2% информациите ги добиле од разговор со родителите. Додека пак само 5% од испитаниците информациите ги добиле од доктор, што укажува на потреба од спроведување на едукација и пренесување на младите релевантни и точни информации.
„Возраста меѓу 15 и 18 година е исклучително важна за постигнување на сексуалната зрелост на тинејџерите. Во овој период, доаѓа до израз реализацијата на нивната сексуалност, прифаќањето на истата како и оформување на сликата или перцепцијата поврзана со сексот и сексуалниот чин. Многу е важно каква слика ќе изградат за сексот и како ќе ја стекнат одговорноста во врска со сексуалниот чин. Иако тоа е долг процес, сепак првиот чекор е отворено разговарање, интересирање и дозвола за лесно да можат да прашуваат за сето она што ги интересира. Потребно е да им овозможиме на тинејџерите отворено да разговараат и на правилно место да бараат точна информација, а не да „крадат“ од несигурни и нерелевантни извори“, изјави психологот Марија Стефанова.
Анкетата беше спроведена меѓу тинејџери од 15 до 18 години во повеќе скопски средни училишта со различен сoцијален е едукативен профил, медицинско, економско, хемиско, гимназии и во различни делови од градот.