Министерството за надворешни работи (МНР) упатува јавна осуда за, како што наведува во соопштение, вчерашниот израз на говорот на омраза што можеше да забележи во текот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија.
„Спортските настани претставуваат највисок израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла“, се наведува во соопштението на МНР.
Министерството додава дека Северна Македонија и Бугарија и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи, како земји сојузнички во НАТО, идни партнери во Европската Унија, и пред сѐ, добри соседи.