Светот денес има работа со незрело дете со огромна моќ, поддржано од институции и масовна база на следбеници. За да се разбере слепата лојалност, повторно може да се искористи теоријата на Адлер за потребата на човекот за припадност. Кога кај голем број поединци недостасува чувство на значајност, личниот развој не довел до постигнување внатрешен локус на контрола, способност за рефлексија и зрелост, поединецот ја црпи моќта од својот лидер. Тој е моќен – значи и јас сум моќен“е несвесната паралела.
Ида Протугер
Го гледав Џон Стјуарт чиј хумор се уште ми е забавен иако ситуацијата во светот стаснува се поопасна и потажна.
Покажуваше снимки од денот кога следбениците на Трамп разулавено уривајќи се пред себе го нападнаа Капитол Хил, кога тој ги загуби изборите од Бајден. Трамп тогаш ги нарекуваше „мирни демонстранти“.
Потоа одеше и сцената кога пред неколку дена сред бел ден припадник на ICE брутално уби жена сред бел ден. Нејзините последни зборови беа: „Јас не ти се лутам“, додека се обидуваше да ја напушти ситуацијата пред да биде застрелана. Таа во хор од дузина медиуми беше наречена „домашен терорист“ која го користела возилото како оружје.
Ваквото извитоперување на она што нашите очи го гледаат, силување на демократските вредности на јавна сцена, не е ништо различно од уривањето на Будите од Бамијан од страна на Талибанците или светското наследство, древниот град Палмира од страна на припадниците на ИСИС. Тоа е напад врз цивилизациски придобивки.
Трамп секако не е свесен за вредноста на демократијата како цивилизациска придобивка, како што Талибанците не беа свесни за вредноста на светското културно наследство. Но враќањето кон империјализмот е регресија на општествениот развој, враќање кон концентрација на моќ, страв, самоволие и контрола. И тоа не ја засега Америка, туку целиот развиен свет. Бидејќи во логиката на моќта, демократијата е антипод на империјализмот: таа не е во рацете на еден или малкумина, туку кај граѓаните, преку силни и функционални институции.
Тоа е психолошка и општествена еволуција, од поданици кон граѓани.
Бидејќи диктаторите светот ги има откако постои, важно е можеби да се објаснат некои психолошки механизми зад таквата автократска структура на личноста за да се најде соодветен одговор во одбрана на демократските вредности.
Адлеровата теорија за моќта како главен човечки стремеж можеби дава одредени одговори на оваа тема.
Според Адлер, потребата за моќ е стремежот кон значајност, да имаме влијание и чувство дека нашето постоење има смисла.
Зрелата личност оваа потреба за значајност ја развива со процесот на станување возрасен. Детето по дефиниција е инфериорно и низ созреавањето како еден здрав процес, би требало да развие чувството на моќ во себе. Моќ личноста да носи одлуки, да понесе одговорност за сопствените постапки и да го разбере сопственото делување во рамки на една заедница.
Во моите тренинзи за лидерство, првата тема во работа со клинетите е токму тоа:
„Автономија и автентичност“, спознавање на себе и својата внатрешна моќ и автономија, затоа што поединец со внатрешен локус на контрола, многу полесно може да гради квалитетни односи со другите луѓе и да носи одлуки кон решенија и лична и општествена благосостојба.
Според теоријата на Адлер, неразрешените чувства на инфериорност кои никогаш не се трансформирале во здрава самодоверба и компетентност, се трансформираат во потреба прекумерна компензација, односно демонстрација на моќ врз другите.
Кај автократските лидери, моќта над другите е замена за (не)моќта над самите себе.
Развојот е запрен, односно останат на детското ниво, каде постои потреба за значајност, но нема развиено чувство на внатрешна моќ за (само)контрола и одговорност. Возрасниот во човекот недостасува.
Оттука произлегува потребата за доминација и контрола на другите. Доминацијата е всушност извитоперена форма на стремежот кон значајност.
Светот денес има работа со незрело дете со огромна моќ, поддржано од институции и масовна база на следбеници.
За да се разбере слепата лојалност, повторно може да се искористи теоријата на Адлер за потребата на човекот за припадност. Кога кај голем број поединци недостасува чувство на значајност, личниот развој не довел до постигнување внатрешен локус на контрола, способност за рефлексија и зрелост, поединецот ја црпи моќта од својот лидер.
„Тој е моќен – значи и јас сум моќен“е несвесната паралела.
Како пример, затоа и кај нас „фати корен“ грандиозната приказна на Груевски за нас како потомци на Александар Македонски, која не држи вода од научна основа, но е добра за егото на оние кои се чувствуваат немоќни. А приказната секогаш е поприемчива за увото од статистиката и фактите.
Зрелата моќ, кога граѓаните се чувствуваат моќни однатре, им овозможува да бидат активни креатори на заедницата, да придонесуваат за нејзиното јакнење. И обратно, ако тоа не е случај, тие стануваат слепи послушници – поданици.
Да се вратиме на актуелната ситуација во Америка, со пошироки импликации на целиот развиен свет, се додека следбениците го доживуваат Трамп моќен, ќе ги „голтаат“ и репродуцираат неговите приказни без оглед колку се нереални и не почиваат на факти. И тоа не е единствено поради компензација на личната немоќ со припадноста кон моќна фигура, туку и од лични и лукративни причини, каде благосостојбата на заедницата не е во фокусот. Без оглед дали е тоа функција, повеќе пари или лични привилегии кои им даваат моќ.
Одговорот на оваа ситуација која ја еродира демократијата и благосостојбата на заедницата, би бил да се делува преку зрели поединци во институциите кои треба да покажат отпор пред обидот за империјализација на земјата која има долга историја на инвестирање и себе-брендирање како демократска, а која сега е претворена во карикатура на сето тоа. Сето она што го советуваше демократска Америка за другите земји што се соочуваа со автократија, сега треба да го примени кај себе. Не гледам друго.
Од Фејсбук ѕидот на авторите




