Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, ја откажала својата посета на Чешка и средбата со претседателот на оваа држава.
Според висок европски извор што го цитира чешкото радио, една од причините за ова откажување е што некои од чешките политичари го поврзуваат тероризмот со исламот и бегалците без дистинкција.
Могерини требало да се сретне со претседателот на републиката Милош Земан. Само еден ден пред планираната посета Земан се појавил во јавноста со претставниците на екстремната група Блок против исламот со што им дал поддршка на нивните исламофобни ставови.
Официјалната причина за откажувањето на посетата е повреда на нога на чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек. Сепак, министерот има повреда на ногата повеќе денови додека посетата била откажана на ден пред закажаните средби во Прага.
Според чешкото радио кое цитира свој висок извор, повредената нога на министерот не е вистинската причина туку пред се фактот што атмосферата во Чешка, со ксенофобија, не овозможува да се дебатира за надворешната политика а очигледно е дека Могерини сакала да избегне средба со претседателот Земан.
Чешкиот министер за човекови права Јиржи Динстбир изјавил дека појавувањето на претседателот рамо до рамо со лидерот на екстремистите Мартин Конвичка води до легитимирање на фашизмот во државата.
Од почетокот на бегалската криза забележани се повеќе исламофобни изјави на Земан како неговото предупредување дека во Чешка може да биде воведен “шариат закон” доколку им се дозволи прием на бегалците како и таа дека бегалците не заслужуваат симпатии.
Конвичка е осомничен за ширење омраза поради статуси на Фејсбук и ризикува официјално обвинение за ширење омраза против група луѓе. Тој напишал дека муслиманите треба да се сомелат и предлагал да се стават во концентрациони логори.
Според портпарол на екстремната група, ова обвинение е политичко мотивирано и со тоа на групата и се одзема правото за слобода на изразувањето.
Доколку Конвичка биде осуден за овие изјави тој ризикува шестмесечен затвор.