Русија соопшти дека протерува вкупно 85 дипломати од Франција, од Шпанија и од Италија, како одговор на слични потези на тие земји, истакнувајќи дека односите со водечките членки на Европската Унија (ЕУ) се затегнати од почетокот на војната против Украина.
Амбасадорите на Франција, на Италија и на Шпанија денеска биле повикани на разговор во руското Министерство за надворешни работи, каде и официјално се информирани за одлуките што ги донесе Москва.
Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека протерува 34 членови на дипломатскиот персонал од Франција, 27 од Шпанија и 24 од Италија.
Трите европски земји заедно протераа над 300 руски дипломати од почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари по обвиненија за шпионажа, што Москва го негира.
Русија, во текот на минатиот месец, протера 45 полски и 40 германски дипломати. Таа најави одмазднички мерки и против Финска, Романија, Данска, Шведска, Норвешка и Јапонија, меѓу другите.
Италијанскиот премиер Марио Драги го опиша потегот на Москва како „непријателски чин“ и предупреди дека не треба да се прекинат дипломатските канали.
„Ова апсолутно не смее да доведе до прекин на дипломатските канали, бидејќи токму преку овие канали, доколку успееме, ќе се постигне мирот што секако го посакуваме“, изјави шефот на италијанската влада.
Париз денеска „остро го осуди“ протерувањето на 34 француски дипломати и оцени дека одлуката на Русија „нема легитимна основа“.
„Руската страна ја претставува одлуката како одговор на одлуките на Франција“ од април, кога беа протерани неколку десетици руски агенти поради сомневање дека се шпиони“, соопшти француското Министерство за надворешни работи.