Министерството за внатрешни работи (МВР) го обезбеди и третиот пиштолџија од инцидентот кај плоштадот „Секндербег“ за време на еден од минатонеделните протести против модифицираниот француски предлог за деблокада на евроинтегративниот процес на Македонија под мотото „Ултиматум – Не, благодарам“.
Полицијата претходно приведе две лица за користење на огнено оружје-пиштоли во споменатиот инцидент, за разлика од третиот кој употребил т.н. светлосен пиштол.
Обвинителството соопшти дека за време на инцидентот меѓу група граѓани кај „Скендербег“ од една страна, со учесници во протестите против францускиот предлог од друга страна, сега осомничениот „извадил пиштол за светлосно-звучна сигнализација марка „EKOL Arаs Magnum” и испукал еден куршум во воздух.
Со вештачење е утврдено дека станува збор за пиштол во кој внатрешноста на цевката е изведена со препрека која оневозможува истрелување на проектил од огнострелна муниција, па пиштолот не претставува огнено оружје“.
Кривичниот суд, по барање на Обвинителството, определи мерки на претпазливост за осомничениот – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, задолжително повремено јавување кај надлежен орган и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање на нова.