Денеска се навршуваат 36 години од несреќата во нуклеарната централа Чернобил во Украина. На денешен ден, во 1986 година, експлодира четвртиот реактор на тогашната советска нуклеарка, предизвикувајќи ја најтешката нуклеарна катастрофа. Советските власти по два дена соопштија за експлозијата.
Десетици луѓе го изгубија животот веднаш по катастрофата, а се верува дека илјадници луѓе починаа од последици од радијација. Најтешката катастрофа во историјата на нуклеарната енергија принуди околу 300.000 лица да ги напуштат своите домови.
Радиоактивниот облак прекри значаен дел од Европа со несогледливи последици. Нуклеарката Чернобил повторно е актуелна и од неодамна по руската инвазија врз Украина.
Руските сили, кои ја нападнаа Украина на 24 февруари, на самиот почеток на инвазијата го заземаа Чернобил и го држеа под опсада пет седмици, пред да се повлечат на 31 март. Меѓународната агенција за атомска енергија изгуби контакт со нуклеарната електрана на 10 март.