Сајбер-булинг е проблем со кој, за жал, се соочуваат се поголем број луѓе. Истиот води кон сериозни несакани последици и токму затоа треба да се пријави до надлежните органи веднаш штом се забележи. Сајбербулинг (Cyberbullying) претставува насилство преку електронски средства и се дефинира како објавување на застрашувачки, вознемирувачки, понижувачки текст или слики на интернет.
Ова би можело да биде преку „паметен телефон“, компјутер, лаптоп, таблет или онлајн платформа за играње. Може да се спроведе преку голем број на онлајн или мобилни услуги, како што се текст, е-пошта, веб-страници за социјално вмрежување, веб-страници за хостирање, апликации за размена на пораки (месинџери), услуги за споделување на фотографии или на разговор, веб-камери, апликации за визуелно учење и онлајн игри.
Психологот, Ивана Станковска за НОВА ТВ вели дека сите ние имаме суштинска потреба да бидеме видени, слушнати, да припаѓаме и да бидеме прифатени, додавајќи дека особено и на специфичен начин овие потреби се манифестираат во адолесценција.
– Булингот (физички или вербален) постоел отсекогаш, на пример насочен кон полничкото дете, кон девојчето со наочари или кон момчето со стари патики. Ерата на социјалните мрежи донесе нови „занаети“ како на пример јутјуберство и инфлуенсерство, инстаграм комуникација и познанства и слично. Ако порано булингот бил ограничен на училишните часови каде што се случувал, сега е возможен 24/7 бидејќи телефоните се постојано со нас и постојано можат да стигнуваат нотификации со коментари. Природно за децата е брзо да се скараат и брзо да се смират, децата немаат доживување на завист, љубомора, бес и одмазда, вели Станковска.

Овие особини, како што додава, се особини на возрасните, кои за жал, сè повеќе се појавуваат порано во развојот, бидејќи екранот им овозможува доволна дистанца да ги изразат сите свои негативни мисли и чувства, притоа без емпатија.
– Емпатијата се создава при личен контакт, при можноста да го видиш, допреш и чуеш оној кој пати, додека екранот овозможува да не морате да познавате некоја личност а да си дозволите слобода да ги изразите или испроектирате свои негативни чувства и мисли кон таа личност. Денешниот родител пак од друга страна, многу го сака своето дете, но премалку го усмерува, дисциплинира и насочува. Па така кога ќе добиете премногу „љубов без граници“, не можете да развивате емпатија и љубов во срцето за другите човечки битија, почит и милост, вели Станковска.
Според неа, сајбер насилниците немаат сочувство ниту разбирање дека своите коментари ги упатуваат кон живо човечко битие кое може да крвари одвнатре.
– Застрашувачки е фактот што публиката која сето тоа го гледа и чита, навива и ужива; видеата кои се полни со навреди се енормно популарни. Сето тоа додадено на денешната реалност во која колку повеќе лајкови имаш, толку повеќе пари, имаме реалност на модерни гладијаторски игри во кои може да има реални жртви, вели Станковска.
Комуникологот Бојан Кордалов, смета дека од сајбер булингот може да се создаде дело од насилство.
– Говорот на омраза е сериозна тема на која мора да се посветува внимание и да се разбере дека мора да се превенира но и да се превземат конкретни дејствија доколку ескалира. Интернет просторот служи за да дебатираме, а не да се навредуваме, навредите понекогаш за жал може да доведат до сериозни несакани последици, предупредува Кордалов.
Инстант популарноста која што ја нудат социјалните мрежи според него создава, голем притисок, завист и љубомора, многу појави кои се негативни од комуникациски аспект.
– Границата се надминува кога престануваме да ја гледаме својата работа и почнуваме да се занимаваме со другите луѓе. Не треба да стигнеме до коментари со закани и клетви. Пред да напишете некој лош коментар, истиот кажете си го на себе, ако не ви се допаѓа вам, нема да му се допадне ниту на тој на кого му го упатувате. Има и друг, културен начин да ги искажете вашите несогласувања кон некого, вели Кордалов.
Пред недела дена јавноста во регионот беше потресена од веста дека млада инфлуенсерка од Србија си го одзеде животот, а причината поради тоа беше токму сајбер насилството со кое младата девојка се соочувала подолго време.
И.Р