Париз: Силниот тропски циклон „Чидо“, кој во саботата ја погоди француската прекуморска територија Мајот во Индискиот Океан, однесе најмалку 14 човечки животи, јавија денеска француските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори во безбедносните служби.
Според Амбдилвахеду Сумаила, градоначалник на островскиот град Мамуџу, девет повредени лица се згрижени во болничкиот центар во Мајот во тешка состојба, додека 246 лица се полесно повредени.
Причинета е огромна материјална штета, а францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо изрази страв дека „билансот од циклонот ќе биде тежок“. Во загрозената област ќе биде испратено засилување, пред се медицински персонал, опрема и хуманитарни материјали, како и војници задолжени за цивилна безбедност и пожарникари-спасувачи, а Ретајо најави и посета на Мајот.