Пишува: Лина Ќостарова-Унковска
Не е доволно САМО да се смируваат тензиите, кога работата ќе дојде до таму животите да се губат САМО затоа што некој, ете така се однесува, краде, напаѓа, или шета со оружје во џеповите. Не е доволно САМО да се апелира на разумот, кога времето на разумот во Македонија е одамна минато време.
Неопходно е, лавината од насилства, толку одомаќени во нашите животи, што само чекаат на повод и повик да се истурат врз нас, конечно да запре. Неопходно е сето тоа што се случува по улиците, училиштата и домовите во Македонија, и што е закана по безбедноста и животот на луѓето и младите во оваа земја, ДОБРО да се пресмета, процени, и да се сработи како треба. Без игри, манипулации и лаги. Без фрлање прав во очите и констатно труење на сите нас, со погрешно адресирање и дефокусирање од вистинските проблеми.
Но тоа не се прави сега, за жал, кога нема поправен. Не се прави кога сме сите вџашени, и уплашени, и кога само гледаме како да ја избегнеме катастрофата од можната ескалација на настанот. Не се прави тоа ни со главата во песок, ни со приказни за мали деца, ниту со контраудар. Се прави со долгорочно и промислено дејствување, на многу планови и на различни начини.
Добро го паметам времето, од пред 12 и повеќе години, кога во училиштата за првпат влегоа, но не опстанаа, мултиетничките програми засновани на правата на децата. Се сеќавам тогаш, дека единствените кои сериозно ги сфатија тие напори, беа непосредните учесници во програмите – учениците и наставниците. Додека сите оние, задолжени за политиките и реформите во образованието, мислеа дека си играме играчки со децата…
Никој од нив, ни тогаш, ни во годините што следеа, не разбра, а тоа им беше работата, дека училиштата се единственото место каде што се градат и менуваат ставовите и уверувањата за другиот, и дека за тоа се неопходни промени кај возрасните, но и во личните иксуства на децата, низ дружења, соработка и почитување на другиот. Колку едноставно звучи, а колку е сложено, и колку само усилби, постојаност и храброст беа потребни за приближување на децата по конфликтот, за тие да останат заедно, да не се плашат и вистински да соработуваат. А притоа, на безбедна дистанца да се држат сите оние со длабоко затруени мозоци, распоредени по јавните, раководни и одлучувачки позиции, во оваа мала земја.
Истите тие, кои најчесто немаа ниту ден поминато во автентична размена со другата страна, а најбргу стануваа гласноговорници на погубните сепаратистички ставови и проекции.
Да продолжевме тогаш со таквите и подобри програми, денес сосема нова генерација на млади од 25 до30 години, тогашни деца, ќе беа лидери на мултикултурализмот, и поинаку и сосема легитимно ќе можеа да упатат пораки по трагичниот настан, во Ѓорче Петров. А, ќе умееа и да ги замолчат сите останати. Тие и таквите млади би го имале целиот кредибилитет да кажат: Ова беше брутално убиство и мора најстрого да се казни, но не може и не смее да се сведе на етничката обоеност на сторителот, ниту на меѓуетничка пресметка во барањето решение.
Но, не го избравме тој пат, и никој за ова до сега не преземал одговорност.
Останатото, е ништо помалку важен дел од истата приказна. Тоа е насилството, нашата заедничка тема, и игнорантноста кон сложените прашања поврзани со насилството. Како го дефинираме, што подразбираме и колку го толерираме насилството во нашите редови? Можно ли е само во одземањето животи да гледаме насилство, а на сите други форми да одмавнуваме со рака, како да се вообичаени начини на однесување? И да прифатиме дека е нормално носењето оружје, или насилството во домот, во училиштето, на улицата, да немаат разврска? Можно ли е криминалци слободно да шетаат, додека затворите се полни со обвинети, кои со месеци чекаат судска разврска, со смешни образложенија дека можат да го повторат делото? Па, која држава и заедница би се одржала, таква?
И двете работи, меѓуетничките односи (потполно руинирани) и насилството (игнорирано, несанкционирано и поттикнувано), се најкритичните точки за социјално разнебитување на една заедница. Поврзани, тие произведуваат краток спој на точките на најмал отпор, со погубни празнења, секогаш на погрешното место (адреса). Резултатот е кинење на врските и продлабочување на поделбите, по сите основи, кои стануваат мерка на одржливоста на заедницата.
Истите тие поделби кои, за жал, наместо да се спречат, се одржуваат и поткрепуваат како гаранција за успешното и долгорочно владеење. Може ли тогаш од позиција на владејачката структура, која опстојува на тој начин, речиси една декада, да се решаваат насилството и разорените меѓуетнички односи во заедницата? Одговорот е јасен и поразителен, по сите нас.
Протести по повод уште една насилна загуба на млад човек треба и мора да има. Но, тие треба да бидат протести против насилството, против носењето оружје, против манипулациите на младите, против дезинформациите на сите нас, против слабата заштита од насилствата на нашите улици и домови. И треба да бидат заеднички, не поделени. Но, таквите протести, денес нема ниту кој да ги организира, ниту кој да ги поддржи, уште помалку да ги стандардизира. Нема кој од нив да направи норматив. А тоа е затоа што мнозинството од оние деца тогаш, не се образуваа и не израснаа во младина на новото време, свесна за своите права и вредности, за која човекот, кој и да е, и од каде и да е, е најголемото богатство на заедницата. И затоа што сите оние што го гледаа и следеа нивниот развој, од своите кабинети и студија, немаа ни знаења, ниту доблест, ни храброст да го согледаат тоа, уште помалку да го видат својот личен удел во познатиот след на настаните.
Затоа е сосема извесно што ќе се случува во наредните денови: Апелите за разум ќе продолжат, нередите ќе престанат, или ќе бидат прекинати. Сите најискрено ќе жалиме по животот на момчето, и ќе палиме свеќи за негова душа. Медиумите срцепарателно и еднострано внимателно ќе известуваат. Направените штети, недолжните трпеливо и нечујно ќе ги санираат, самите. Сите останати ќе продолжат да стравуваат, секој за своите. Никој од важните чинители на устројството нема да се појави, макар да изјави жалење, и сочувство. Она што по сето тоа ќе ни остане, е уште посилната омраза и затруеност, со кои ќе продолжиме да се јадеме и меѓусебно да се уништуваме, тивко и жестоко. Притоа младиот, трагично загубен живот, нема ни овој пат да стане жестока, скапо научена лекција, упатена на вистинската адреса, за решавање на проблемите.
Ете зашто е бесмислено и трагично промашено, во овој момент, повикувањето на луѓето на разум, смиреност и кооперативно однесување.