Иако тоа не е дел од официјалниот дневен ред на Самитот на ЕУ што денеска се одржува во Брисел, не е исклучено дел од лидерите да го покренат и прашањето за „едностраните потези“ на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во врска со нејзината одлука да го потпише договорот за слободна трговија меѓу Унијата и јужноамериканската економска заедница Меркосур, потег кој таа го оцени како „историски“.
Дел од земјите членки, пред се Франција, не се согласуваат со договорот, бидејќи сметаат дека тој ќе му нанесе штети на европскиот земјоделски сектор, со тоа што ќе овозможи слободен увоз на евтини земјоделски призводи од Јужна Америка, чии производители не се обврзани на почитување на строгите правила кои важат за земјоделците во ЕУ и им носат дополнителни трошоци.
Европски дипломат, кој побарал анонимност, во изјава за бриселскиот портал „Политико“ вели дека со одлуката за потпишување на договорот со Меркосур, Фон дер Лајен „отишла подалеку од кој било друг претседател на Комисијата досега во толкувањето на нејзините надлежности“.
Францускиот претседател Емануел Макрон жестоко се спротивставува на договорот, стравувајќи дека тој ќе им наштети на земјоделците и ќе го поттикне „гневот против естаблишментот“. Макрон, сепак, нема да учествува на денешниот Самит на ЕУ, бидејќи ќе ја посети француската прекуморска територија во Индискиот Океан, Мејот, која неодамна беше погодена од разурнувачки циклон.