Можноста да се реши политичката криза на Македонија токму во Брисел, со постигнување на договор за преодна влада, во која Груевски не би бил премиер, ниту пак најважните негови луѓе (барање на Заев) или обратно, би ги задржале своите позиции (барање на Груевски), изгледа се помалку веројатна, се помалку можна.
Како што всушност и изгледаше на самиот старт дека е однапред се загубено, пред да се обзнани некаков договор помеѓу еврокомесарот Хан и киселите лица на лидерите во позадината, по преговорите во Пржино.
Се разбира, секогаш постојат нијанси на варијанти, кои не исклучуваат потпис на Груевски, по сила на гравитационата тежа да биде присилен за да спречи летнување на документот во несакан правец, за да се задржи пред да тресне на бриселскиот паркет, да биде принуден очајнички да го земе во предвид пенкалото како спасоносно решение.
Но, политичката историја на Брисел за жал покажува поинаков исход- балканските кризи (многу од нив крвави или со таков потенцијал) не се решаваат низ здодевните бирократски ходници каде владее мир и хармонија, во кој се промовираат демократски вредности, и тоа со посредство на носителите на елегантни машни Ив Сен Лоран и отмени женски марами Диор, еден вид цивилизирачки ефект добиен после векови демократија.
Ако го вратите тркалото на историјата, ќе видите дека низ сите тие векови, додека овие префинети, образовани и култивирани дами и господа се цивилизирале и демократизирале (секако дека низ крвави војни, револуции, примирја, стотици потпишани договори и секако дека некои од нив не се почитувале), со шокиран и скандализиран грч на лицата, но сепак во име на доброто воспитување- пропратени со насмевки, никогаш не можеле да сфатат- побогу, каква е оваа лудница од Балкан?
Во “Дипломатија” Кисинџер вели- “Ниту Бизмарк, ниту Дизраели имале некаква симпатија за Балканските Словени- кои ги гледале како хронични и насилни трабл-мејкери… Бизмарк чувствувал така длабок презир кон карањата во регионот. Некој треба да им објасни јасно за да сфатат овие крадливци на овци- дека европските влади немаат потреба да прават напори околу нивните страсти и ривалства.”
Да не ги потценуваме европјаните- тие многу добро знаат дека лидерите на Балканот со векови се во истата дефиниција- она што го гледате, тоа и го нудат- еден обичен, зарѓан котел во кој освен омраза, насилство и страст за конфликти има и други зачини, како љубов кон корупција и криминал, повеќепартиски избори под демократски превез кои се само општествена активност и ништо повеќе (лидерите на власта си велат: што ако се наметнати од европските и американските душмани, имаме ние свое правило- не е важно за кого се гласа, туку кој гласа ) и ситно и лукаво кокетирање со Русија, кое е приказна сама за себе.
Затоа што, секогаш кога ќе притисне Запад да се тргне веќе еднаш по некаков демократски пат (претходно со молења и коленичења, за да еруптира со смрзнат поглед и отсечно студен глас дека е веќе доста!) нашиве итри лидери го развејуваат руското знаме и што би рекол Пендаровски, започнуваат да “рецитираат руски стихотворби”, со едното око погледнуваат кон Вашингон и Брисел, да видат кој колку се изнервирал и што со тоа може да добијат.
При тоа, важно и свечено објавуваат дека Путин нуди три пати повеќе од Запад (мало морген, но мислат дека тоа никој не го знае)- и така, охрабрени со руска поддршка (овие пак се ценкаат за некои свои големи интереси и ги користат балканските земји како монета за поткусурување), го објавуваат пазарот, со нови, уфрлени играчи, кои како баќушки излегуваат во вид на изненадување.
Во ваков котел од разулавена македонска манџа, Брисел го именуваше Хан да посредува и да ги третира со каква-таква почит лидерите (за почитта кон актерите на бомбашките ленти не би се кладела баш, но седнати се како партнери барем на почетокот, а крајот секакви пресврти носи) кои на секое негово или нивно заминување од видеокругот, се фрлаат меѓусебно токму во истиот котел од кај што биле извлечени и започнуваат да викаат напомош!, кога на крај сите завршуваат во истиот котел, откако претходно со церекање го крчкале за непријателот.
Како вели Кисинџер- “Сите големи лидери чекорат сами”. Овој пат, можеби Хан сосема сам нема да има шанси да помогне во решение на кризата, во која најверојатно ќе се вклучат и некои погабаритни играчи, т.н тешкаши, но сепак, излезот за оваа земја ќе мора да се бара и во нас. За тоа е неопходен лидер кој ќе има доволно сила, капацитет, мудрост и храброст да не извлече од балканскиот котел, кој, немам илузии, уште долго, долго време ќе биде продукт на се што сме ние самите, а што не сакаме да признаеме- вечни губитници, изгубени и замрзнати во балканските војни од минатите векови.
За некакви драстични промени во оваа земја е потребно време, навистина сериозно време- демократизацијата, политичката култура и вредностите кои се неопходни за цивилизирање за жал, едноставно не може вештачки да се аплицираат, да се наметнат и прогласат за постоечки. Но, тоа не подразбира чекање, она силно изгубено време низ деценииве беше неопходно, оние падови, климави нозе, стари и нови потписи на примирја и нивно фрлање и повторно залепување, се е во функција на едно ново време, на еден нов, убав свет. Колку и оваа поезија да нема никаква врска со реалната политика и е само празна и неупотреблива фраза, сепак мора повторно и повторно да се почнува, затоа што тоа е се што ни преостанува и што мораме да сториме.