Улогата на невладиниот сектор ширум светот е од клучно значење во развојот на демократијата, човековите права, слободата на говорот, транспарентното и одговорното владеење на властите. Во Македонија, иако со закон дефинирани како непрофитни и независни организации, од ден на ден стануваат се позависни и контролирани од власта.
Струмичките граѓански организации, велат, мака мачат како да опстојат, бидејќи се оставени на маргините од општеството од страна на актуелната централна власт, додавајќи дека ситуацијата е таква поради спротивната власт во општина Струмица.
„Од ден на ден се повеќе се чувствува незаинтересираноста на актуелната централна власт за соработка со невладиниот сектор во општина Струмица. Ние, како претставници на здружение кои ги застапува интересите и целите на жените, во последните неколку години не сме поканети ниту на една дебата од страна на пратениците или советниците на ВМРО-ДПМНЕ во нашата општина. Од друга страна, ние секогаш ги каниме на сите наши случувања, меѓутоа не само што не доаѓаат, туку едноставно не ни доставуваат ниту повратен одговор“, вели Катарина Бабулова од Организација на жени од Струмица.
На територијата на општина Струмица постојат стотина регистрирани граѓански организации, но едвај дваесеттина спроведуваат од време навреме некоја активност, а само пет до шест се активни со значајни проекти и активност. Повеќето успеваат да останат активни пред се од финансиската поддршка на општината, која е една од првите во државата со посебен буџет за поддршка на фондации и невладини организации.
Од буџетот за 2014 година, општина Струмица издвои 2.307.173,00 денари за проектни активности на невладините организации. Од пристигнатите 34 апликации, поддржани се 21, од кои 16 граѓански организации добија финансиски средства во висина од 1.708.678,00 денари во рамките на програмата G1 – поддршка на ЛЕР, а за Програмата V2 од областа на социјалната заштита, пет организации добија 598.486,00 денари.
Политичка зависност или партнер на локалната власт
Дали ваквата поддршка создава зависност од локалната власт или импут за опстојување, НОВА праша дел од струмичките невладини организации.
„ Се создава зависност кај помалите невладини организации кои чекаат само финансиски средства од општината и не се обучени за пополнување на апликации и имплементација на проекти од Европските фондови, за разлика од одредени невладини организации кои наоѓаат средства и од други фондови. Денес е потешко за разлика од порано бидејќи многу од донаторите се повлекоа или најавуваат повлекување, па ќе останат неколку фондови на располагање на НВО секторот, пред се тоа ќе бидат од ЕУ или Обединети нации и амбасади. Ние како организации ќе мора да се прилагодиме на овие промени, зошто овие апликации се посериозни во својата имплементација, но од друга страна се и со поголем буџет“, велат од еколошката здружение Планетум.
„За жал многу малку организации, односно здруженија на граѓани во Струмица имаат капацитети, како човечки ресурси, така и организациски способности и вештини да бидат дел од програмите на европските и светските фондовите, а со тоа не можат да ги задоволат основните критериуми за било какво организациско делување во рамките на дадените повици. Со тоа можеби делумно може да се стекне слика дека локалните организации зависат единствено и само од поддршката која ја дава локалната самоуправа на општина Струмица. Сепак, на рака можат да се избројат и неколку успешни примери на невладини организации кои покажаа дека можат да се носат со потребните критериуми и имаат реални капацитети да бидат рамноправни со било која организација од регионален па и меѓународен карактер“, вели Митко Гогов од здружението за развој на култура и заштита на културното наследство Контекст.
Поаѓајќи од фактот дека и невладиниот сектор во државата е поделен на „наши“ и „ваши“, дека средствата се распределуваат на здруженија блиски до носителите на власт, прашавме дали е таква ситуацијата и во општина Струмица, кои се критериумите за распределба на финансиските средства за поддршка на овој сектор.
Раководителот на Одделението за Локален економски развој на општина Струмица, Тони Милушев, вели дека постапката за распределба на овие средства е транспарентна уште од објавувањето на конкурсот, со јасно наведени критериуми.
„Во самиот повик беа наведени критериумите за оценување на пристигнатите проектни апликации. Комисијата, составена од пет члена, меѓу кои и еден член од граѓанските организации, внимателно и детално ги разгледуваше и оценуваше проектите во согласност со критериумите, без да прави поделби, бидејќи никогаш општина Струмица не ги делела невладините организации на „провладини“ и „проопозициски“.
Општина Струмица на невладиниот сектор гледа како на сериозен партнер во спроведувањето на програмите и политиките на локално ниво, бидејќи и двата сектори ги застапуваат интересите на граѓаните и постојат за доброто на граѓаните. Претставници од здруженијата се вклучени во сите процеси на носење одлуки во општината, од изработка на акциони планови и стратегии до креирањето на буџетот“, вели Милушев.
Невладините организации оваа година самите од своите редови избрале претставници (член и заменик член во Комисијата за оценување на пристигнатите апликации). Изборот бил направен со јавно гласање.
„На локално ниво, секогаш кога сметаме дека треба да се подобрат одредени постапки и процеси, јавно ја критикуваме локалната власт. Никогаш досега поради овие конструктивни критики не сме биле сфатени како „непријатели“, напротив, нашите предлози за подобрување на локалните политики најчесто се земени во предвид од страна на градоначалникот Зоран Заев. Така беше и околу распределбата на средствата за финансиска поддршка на здруженија и фондации. Ние, претставниците од невладиниот сектор, укажувавме на тоа дека треба да се промени праксата поголем дел здруженија што аплицираат да добиваат средства и дека е потребно акцент да се стави на квалитетот на проектот, па макар тие средства да ги добие и само едно или две здруженија, и дека е потребно во Комисијата да членуваат и наши претставници.
Оценувањето на проектите се вршеше врз однапред објавени критериуми, и целата постапка беше максимално транспарентна“, вели членот на Комисијата од невладиниот сектор, Ленче Христова и додава дека воопшто не постои поделба на здруженијата по партиска основа, бидејќи и таа и останатите членови на Комисијата дури ниту не ги знаеле и основачите на одредени здруженија.
„Напротив, имаше реакции од луѓе за кои знам дека се симпатизери на актуелната локална власт во Струмица, дека нивните проекти не поминале“, вели Христова.
Граѓаните со поделени мислења околу работењето на невладиниот сектор. Велат, невладините организации треба да бидат двигател за промените во општеството, но како и во секоја друга сфера на живеењето така и во овој сектор политиката ја игра главната улога.
„Постојат здруженија во Струмица кои навистина се активни со проекти кои придонесуваат за развојот на градот и тоа е многу добро, бидејќи тоа треба да им биде првична цел, тие треба да работат за граѓаните“, вели Горан Митев.
„ Политиката се меша и во невладиниот сектор, па така наместо за интересите на граѓаните, дел од здруженијата само ги исполнуваат партиските цели со цел да добијат некаков вид на поддршка“, вели Драган Јанев.
Патриоти и „соросоиди“
Колку струмичките невладини организации ја чувствуваат поделбата на патриоти и „соросоиди“ што последните неколку години се наметна и во нивниот сектор, зборува и фактот што поголем дел од нив се плашат јавно да критикуваат одредени владини политики за да не бидат стигматизирани како „предавници“ или „соросоиди“.
„Многу политики кои ги спроведува централната власт се погрешни, се повеќе се задушува слободата на говорот, демократијата, се наметнуваат одредени законски решенија без претходни расправи и дебати, но молчиме бидејќи тоа може негативно да се одрази врз нашето работење. Не нарекуваат „соросоиди“ и успеаја тоа да го наметнат во негативен контекст, како некои луѓе кои лошо и мислат на државата. Можам само да речам дека додека Фондацијата Отворено Општество Македонија (ФООМ), или популарно наречени Сорос, имаше свои центри за поддршка на невладините организации низ повеќе градови во државата се случи најголемото институционално јакнење на невладиниот сектор. Таа неформална школа, обуки, работилници, што ги пројдоа здруженијата во тој период ги зголеми вештините и капацитетите и на човечките и на институционалните ресурси. Научивме се околу проектите, стратешкото планирање итн., па затоа тврдам дека токму ФООМ даде максимален придонес во градењето и улогата на невладините организации во општеството. За жал, актуелната власт креира една поинаква слика за сето тоа, со цел народот да добие поразлична перцепција за ФООМ“, вели претставник од здружение кој сакаше да остане анонимен.